МК Сцена
Вечерва започнува „Струмица опен фест 2015“
На големата сцена на плоштадот „Гоце Делчев“ во Струмица вечерва започнува четвртото издание на „Струмица опен фест 2015“.
Како што информираа од Организацискиот одбор на манифестацијата, се е подготвено за старт на фестивалот, кој ќе го отвори Трајче Ѓоргиев од пинковите ѕвездички и младите струмички таленти од СОУ „Јане Сандански“.
Главна ѕвезда на вечерта е хрватската и балканска естрадна ѕвезда Даниела Мартиновиќ, која ќе има целовечерен концерт, а првата ноќ од четвртиот „Струмица опен фест“ младите ќе ја поминат со музичките бравурии на диџеј Мосел од соседна Грција.
Утревечер, публиката и посетителите ќе уживаат во изведбите на Кристина Арнаудова и групите „Трио гранде“ и „Тропико бенд“. Вториот дел од вечерта ќе настапи Харис Џиновиќ, а за полноќното расположение ќе се погрижи и германскиот диџеј Том Нови.
Ѕвезда на третата и последна вечер на „Струмица опен фест“ е Петар Грашо. Пред стумичката публика и гостите ќе настапат и струмичката група „Јупитер“, „Либеро бенд“ и младиот босански талент од „Икс фактор“ Маид Хечимовиќ. Полноќните часови и затварањето на четвртиот Опен фест ќе помине со музиката на диџеј Ромео Бланко од Белгија.
Организаторите се надеваат дека и годинава со изборот на ѕвездите кој го направија струмичани, но и со надалеку познатото гостопримство бројката од 200 илјади посетители ќе биде надмината.