МК Сцена
Виктор Филиповски награден како најдобар млад џез-музичар од „Катар ервејс“
Признанието Golden Oryx, што за достигнувања на полето на културата го доделува „Катар ервејс“, годинава му беше врачено на Виктор Филиповски, којшто изминатиов период се истакна како тапанар на повеќе состави.
Авиокомпанијата, која што е поддржувач на Скопскиот џез-фестивал, во рамки на годинашното издание на манифестацијата го прогласи Филиповски за најдобар млад џез-музичар во Македонија.
– „Катар ервејс“ е интернационална компанија, меѓу другото, годинава прогласена за најдобар авиопревозник во светот, меѓутоа, таа со гордост помага и на низа локални иницијативи, кои што ја збогатуваат нашата глобална заедница. Се надеваме дека оваа награда ќе му даде дополнителен поттик на Виктор, да продолжи по одличната патека како и досега, но и дека ќе инспирира нови генерации џез-музичари во Македонија – изјави Алтај Шабан, комерцијален директор на канцеларијата на „Катар ервејс“ во Скопје.
Виктор Филиповски е дипломец на џез-отсекот на музичката академија при факултетот „Гоце Делчев” во Штип. На истата институција моментно е магистерски кандидат, но и најмлад инструктор вклучен во наставата по џез-тапани. Изминативе години е особено активен на македонската музичка сцена, како тапанар во голем број состави, преку кои што во различни форми го прикажува својот огромен талент и разновиден стил. Тој е дел од изданијата на групи како џезерите „Фирс“, рокерите „Проект Орфеус“ и фанкерите „Барбарела“. Редовно настапува со искусни домашни и регионални џез-имиња како Васил Хаџиманов и Тони Китановски.
– Во развојот на еден млад џез-музичар и генерално, човек што се занимава со креативност и уметност, значаен е талентот и образованието, но подеднакво е битна и поддршката што ја добива во периодот кога се етаблира на сцената. Оваа награда од „Катар ервејс“ ја гледам не само како потврда за мојата досегашна работа, туку и како дополнителна поткрепа за предизвиците што допрва ќе ме пречекаат – истакна Виктор Филиповски, којшто откако ја прими наградата настапи со својот состав во кафе-барот „Винил“ Скопје.
Годинашниот Скопски џез-фестивал ќе се одржи од 19 до 22 октомври во Македонската опера и балет и Младинскиот културен центар. Ќе настапат повеќе реномирани светски имиња меѓу кои се вокалистката Ди Александер, гитаристот Марк Рибо и пијанистот Крег Тејборн. Годинава, еден од главните поддржувачи на манифестацијата е и „Катар ервејс“, која што од неодамна го поврза Скопје со Доха, но и со уште 150 дополнителни дестинации.
– Скопскиот џез-фестивал се заблагодарува на нашите пријатели од „Катар ервејс“ на чија иницијатива се доделува оваа награда за најдобар млад џез-музичар. Ние во Скопскиот џез-фестивал направивме комисија која едногласно одлучи таа годинава да оди во рацете на Виктор Филиповски. Ние сме особено среќни што „Катар ервејс“ на нивен предлог препозна еден ваков момент со кој што ќе оддадат признание на еден млад, надежен, талент. Ова ретко се случува кај нас, а „Катар ервејс“ тоа го направи токму со оваа плакета Golden Oryx – рече Зоран Ингилизов од Скопскиот џез-фестивал.
„Катар ервејс“на 17 јули почна да лета четири пати неделно од Доха до скопскиот аеродром „Александар Велики“. Дестинацијата е опслужувана од воздухоплов од моделот „Ербас А320“ којшто има 12 седишта од бизнис-класата и 120 од економската. Патниците можат да уживаат во системот за забава, Oryx One, којшто содржи огромен број опции и за кој авиопревозникот освои низа награди.
„Катар ервејс“ сообраќа до 15 дестинации во источна Европа, вклучувајќи ги Скопје, Прага, Киев, Истанбул, Белград, Софија, Будимпешта, Букурешт и Варшава. Авиокомпанијата, што досега има освоено голем број признанија, објави дека, почнувајќи од 31 октомври, ќе воспостави лет и до Сараево, и ќе го зголеми капацитетот на линиите до Варшава и до Прага.