МК Сцена
Владо Јаневски и „Црно тиквешко“ за крај на Вино Скоп
Вечерва со настапот на Владо Јаневски официјално ќе се заокружи 10-то јубилејно издание на фестивалот на виното Вино Скоп.
Тина Мицковска, од организацијата на настанот, вели дека е задоволна од посетеноста, потенцирајќи дека годинава се срушени рекордите на испиено вино.
– „Интересно е тоа што годинава имаме селектирана бројка на винарии, најквалитетните од македонскиот пазар, кои во петокот за време на настапот на Амадеус бенд буквално останаа без вино, односно се сруши тој наш рекорд на испиено вино во една фестивалска вечер. Ќе прашате зошто имаме малку винарии, па причината е тоа што голем број од винариите го продале целосно своето вино, за извоз, што се случува за првпат во историјата на Македонија и е за голема пофалба.“ – објаснува Мицковска.
Од безбедносен аспект, вели Тина, годинава имало најмалку ургенции на брзата помош и полицијата.
– „Да, за наша голема среќа одговорноста кај посетителите, посебно малолетните, годинава е навистина зголемена. Досега имавме само една ургенција на брзата помош која помогна на опиена девојка, но надвор од тој изолиран случај немало поголема ургенција од страна на службите.“ – додава Тина.
Три години по ред на фестивалот се нуди и нов, експериментален вкус на вински коктели, кои оваа година се посебно актуелни. Бројките велат дека коктелите се продаваат дури и по 300-400 литри на ден, па Тина се надева дека догодина овие коктели ќе прераснат во некој бренд, својствен за фестивалот.
Вчеравечер Вино Скоп ја достигна кулминацијата на посетеност, која се совпадна и со манифестацијата „Бела ноќ“ што беше причина повеќе скопјани да го посетат платото пред МОБ.
– „За затворањето го оставивме тоа најслаткото, со песна која што доликува за крај на Вино Скоп, Владо Јаневски и „Црно тиквешко“ мислам дека е песната која ќе го одбележи крајот на овој наш јубилеен фестивал и секако ги поканувам сите ваши читатели на чаша црвено вино, да ги испееме сите хитови на Владо Јаневски и да уживаме во прекрасната атмосфера.“ – за крај додава Мицковска.
Инаку, оваа година фестивалот е посетен и од страна на многу туристи, Мароко, Турција, Холандија, Азербејџан, Велика Британија, кои специјално доаѓаат во нашата земја за да бидат дел од Вино Скоп.