МК Сцена
Влезниците за концертот на Стинг од утре во продажба
Авалон продукција соопшти дека влезниците за концертот на Стинг на 15 октомври 2017 во салата „Борис Трајковски“ утре од 9 часот ќе бидат пуштени во продажба преку продажната мрежа на Купи Карти За Се и Југотон.
Цените се движат од 1.990 до 3.990 денари, а ВИП пакет кој вклучува влезница и примерок од новиот албум на Стинг „57th & 9th“ е 6.000 денари.
– Поради досега навистина незапаметен интерес за концертот на Стинг во Македонија, кој иако е наесен, им препорачуваме на сите што се заинтересирани да си набават влезници веднаш. Како и на целата светска турнеја, така и во Скопје, Стинг доаѓа со комплетно сопствена продукција, што значи дека звукот, светлото и видеото во Скопје ќе бидат истите како и низ целиот свет, информира Авалон.
Продукцијата наведува дека салата во „Борис Трајковски“ по изработката на акустиката ги има сите услови за овој тип концерти на ниво на која било сала во регионот и во Европа.
– Концертот на Стинг во Скопје носи префикс на ексклузивен, не само поради фактот што Стинг е првиот од А листата на артисти од светската музичка индустрија којшто доаѓа во Скопје, туку и поради тоа што концертот се одржува во сала со капацитет два до три пати помал од останатите сали низ Европа и светот каде што Стинг настапува, соопшти Авалон.