Сцена
„Војна на ѕвездите: Последниот џедај“ првиот викенд заработи 450 милиони долари
Осмото продолжение на серијалот „Војна на ѕвездите“, филмот „Последниот џедај“, првиот викенд по премиерата во САД, од продажба на билети заработи 450 милиони долари, соопшти „Волт Дизни“.
Со тоа „Војна на ѕвездите: Последниот џедај“ го зазеде второто место на филм што заработил најмногу пари на самиот почеток од прикажувањето, додека на прво место останува едно од преходните продолженија на „Војна на ѕвездите“, „Будење на силата“ од 2015 година.
Режисер на најновото продолжение е Рајан Џонсон.
Секоја премиера на оваа култна вселенска сага, во САД е своевиден културен феномен. До појавување на големите екрани филмот се очекува со нетрпение со месеци, а поклониците дискутираат и спорат во детали за заплетот и доживувања на нивните херои.
Слично е и на глобално ниво. Од Бангкок до Токио, од Лондон до Тунис и Сан Диего, каде премиерите се одбележуваат со разни изложби и настани, а пред кино салите се создаваат редици на љубители и костимирани фанови.