Сцена
Започна да се емитува најновата сезона од хит серијата „Преспав“
Најпопуларната македонска серија „Преспав“ започнува да се емитува од вчера (понеделник) на првиот канал на Македонската Радио телевизија во 20:15 часот. Оваа сезона има 12 епизоди кои ќе се емитуваат во понеделник, среда и петок, додека репризните изданија ќе бидат следниот ден во 15:15 часот и во недела од 14:15 часот.
Во новата сезона на „Преспав“, пансионот го наоѓаме среде еколошка катастрофа. Целата сезона се случува во период на апокалиптична суша, надвор е пекол што секако се рефлектира и внатре, преку енергетска криза, преку немање туристи и многу други реперкусии. Новиот лик на Ниче со своите астролошки мисли и филозофии го збогатува хуморот. Ула е повторно во нови дилеми за нејзиниот брак со Коста. Јелена сѐ уште е во потрага по својот принц, но дали конечно ќе го најде? Љубовта, како и обично, преживува истражување на нови аспекти и предизвици. Сезонската завршница, прави пресврт во целиот тек на настаните, но има и неочекуван завршеток.
Во главните улоги се тимот на најдобрите македонски актери: Јелена Јованова Периќ, Тијана Дапчевиќ, Игор Ангелов, Наташа Петровиќ, Емра Куртишова Стојанова, Игор Стојчевски, Игор Џамбазов, Васил Зафирчев, Горан Стојаноски, Адриан Азири, Дритон Вејсели, Димитрија Доксевски и Владимир Тулиев.
Како што велат од ОХО продукција, пансионот „Преспав“ е метафора за реалните општествени случувања во нашата држава, во кои се прекршува балканскиот менталитет од кој ликовите не можат да избегаат. Ваквата ситуација ги става ликовите во постојан конфликт од кој произлегуваат комични ситуации во кои ќе можат да се препознаат и самите гледачи.
Идејата и концептот на „Преспав“ се на продуцентот на серијата Пеце Талески, а режијата е на Игор Иванов, Вардан Тозија, Дина Дума и Радован Петровиќ. Сценаријата ги пишуваат: Сашо Кокаланов, Андреј Волкашин, Петар Вулчев, Калија Киселички и Артин Селмани. И оваа сезона е во копродукциска соработка на ОХО и Македонската Радио Телевизија.
ОХО Продукција обединува искусни и перспективни професионалци, од земјата и светот, во ТВ и филмска продукција, анимација и адвертајзинг, за да реализира проекти што ја унапредуваат модерната македонска кинематографија.