МК Сцена
Започна петтото по ред издание на „Битола Шекспир фестивал“
Со атрактивниот музичко-сценски колаж насловен како „Шекспир колаж“, синоќа на сцената на Народниот театар од Битола свечено беше отворен петтиот интернационален „Битола Шекспир фестивал“ кој годинава ќе се одржува до 1 јули. Со оваа културна содржина започнаа активностите кои се одвиваат во рамките на најдолгото културно лето „Битфест 2017“.
Претставата „Шекспир колаж“ која е во режија на Благој Мицевски и Џон Блондел, беше одиграна како фрагментиран колаж од претстави кои се во продукција на Народниот театар од Битола и тоа: „Хенри 6 – трет дел“, „Отело“, „Ромео и Јулија“, „Сонети 1 и 2“ како и перформансот „Шекспир засекогаш“ со кој битолскиот ансамбл настапи во Санкт Петербург, Русија.
Во рамките на годинашното издание на „Битола Шекспир фестивал“, предвидени се гостувања на шест реномирани театарски куќи од Бугарија, Русија, Казахстан, Романија, Словачка и САД, како и шест претстави на театарски куќи од Република Македонија.
На фестивалската програма вечерва (22 јуни) ќе се прикаже претставата на Турскиот театар, „Отело“, во режија на Дејан Пројковски, додека утревечер (23 јуни), Драмскиот и куклен театар „Иван Радоев“ од Плевен, Бугарија ќе ја изведе претставата „Симбелин“ во режија на Лили Абаџиева.
Од особено значење е и фактот што програмата за јубилејното петто по ред издание на „Битола Шекспир фестивал“ објавена е и на веб страницата на Европската асоцијација на Шекспир Фестивали во која членуваат земји од целиот свет.
Во најавата е нагласено дека идејата за создавањето на „Битола Шекспир фестивал“ потекнува од 2012 година кога Битолскиот театар со особен успех настапи со претставата „Хенри 6 –трет дел“ на фестивалот Глоуб то глоуб во Лондон.
Покрај програмските содржини за нашиот фестивал, објавени се и програмите на Итака Шекспир фестивалот кој во текот на јуни и јули се одржува во Србија, фестивалот во Гдањск, Полска и други.