Започна 78. издание на Филмскиот фестивал во Венеција
Со најновото дело на Педро Алмодовар – „Madres Paralelas“ (Паралелни мајки), кое се натпреварува за „Златниот лав“ вчеравечер беше отворен 78. Меѓународен филмски фестивал во Венеција.
Филмот ја раскажува приказната за две жени кои се породуваат на ист ден во истата болница. Режисерот Педро Алмодовар и неговата муза Пенелопе Круз, и двајцата облечени во црно, прошетаа по традиционалниот црвен тепих пред кино палатата на отворањето.
На свеченото отворање, почесниот „Златен лав“ му беше врачен на италијанскиот режисер и актер Роберто Бенињи, незаборавниот автор на филмот „Животот е прекрасен“. Наградата му ја врачи новозеландската режисерка Џeјн Кемпион.
Претседател на жирито е Јужнокореецот Бонг Џун-хо, добитник на „Златна палма“ во 2019 година со филмот „Паразит“ и Оскар за најдобар филм следната година. Во жирито се и француско-белгиската актерка Вирџини Ефира и американската режисерка со кинеско потекло Клои Жао.
На овогодишната Мостра оваа среда се појавија низа имиња од светската актерска елита, Пенелеопе Круз, Меги Џиленхал, Хелен Мирен, како и супермоделот Адријана Лима, манекенката Бјанка Балти и Георгина Родригез, свршеницата на Кристијано Роналдо.
Добитниците на наградата ќе бидат објавени на 11 -ти септември.