МК Сцена
Заврши досега најпосетениот Д Фестивал во Дојран!
По три дена извонредна атмосфера, десетици илјадници расположени фестивалџии, стотици музички ѕвезди, уметници, гости и учесници, исклучителни концерти и фестивалски камп по прв пат од постоењето целосно распродаден, синоќа заврши седмото и досега најмасовно издание на Д ФЕСТИВАЛ!
Одличната програма надополнета со извонредно позитивната енергија резултираше со максимално возбудливо доживување на единствениот летен open air Фестивал во Македонија.
Дополнително, Д Фестивал и оваа година се покажа и како генератор на рекордни туристички резултати во Дојран кој за време на фестивалот беше со целосно исполнет сместувачки капацитет. Покрај публиката од цела Македонија, Д ФЕСТИВАЛ годинава во многу поголем број од претходно ги пречека и посетителите од соседните земји, а Фестивалот повторно го потврди својот статус на релевантен и единствен настан кој го пренесува фестивалскиот дух и нему својствените позитивни општествени вредности, со публика и програмски концепт кој покажува огромен потенцијал тој да прерасне и во меѓународно релевантен фестивал.
Само по овие впечатоци може да се заклучи дека станува збор за нешто што мора да се види, чуе и доживее, затоа што во својата суштина Д Фестивал е многу повеќе од само музички настан и добра забава.
Илјадници неуморни фестивалџии, Дојран, природа, езеро, одлична музика, неверојатно расположени луѓе, симбиоза, креативност, создавање и многу љубов… – така започна и заврши седмиот Д ФЕСТИВАЛ.
Иако временските услови не беа наклонети кон Д ФЕСТИВАЛ, дождот и невремето беа немоќни пред Д Фестивалџии и вчерашниот, последен ден на седмиот Д ФЕСТИВАЛ го одбележаа извонредните концертни настапи со илјадници посетители разиграни и распеани во еден глас за најпозитивната атмосфера која го одбележа затворањето на Фестивалот со концертниот спектакл кој на главната бина го приреди хедлајнерот на вечерта, легендарното име на македонската музичка сцена – АРХАНГЕЛ.
Претходно, во попладневните часови, поради влошените временски услови и безбедноста на посетителите, беа преземени неопходни мерки со прилагодување на вечерната програма кои резултираа со одредени измени во распоредот на настапите и нивно пренасочување во фестивалските зони кои ги гарантираа потребните услови.
Заедно со поддршката на сите музички артисти, овие промени осигураа програмата за последниот ден да се одржи речиси во целост, со минимален исклучок на 4 настапи (од вкупно 20-те предвидени) кои за жал поради техничките потреби беше невозможно да се одржат во влошените временски услови, а на овие артисти неизмерно им благодариме за сиот вложен напор, разбирање и поддршка, и ветуваме дека во следниот live настан во организација на Password Production, публиката ќе има нова прилика за концертно дружење со нив.
По овие подготовки, подиумот пред главната бина вчера некаде околу 21 часот експлодира со единствената музичка енергија на групата Архангел, која со уверливата изведба на култните нумери ја вжешти атмосферата во публиката пред која секое невреме беше немоќно.
Во набојот на силните позитивни емоции, општо воодушевување предизвикаа безвременските хитови на Архангел кои публиката ги пееше во еден глас од почетокот до крајот на двочасовниот импресивен настап кој пак зачинет со сета акумулирана позитивна енергија од овие три дена, покажа дека немаше подобар начин за затворање на Д Фестивал!
Еуфоричното расположение на подиумот на главната бина продолжи до доцна во ноќта со Midnight Ritual програмата која ја предводеше најрепрезентативниот македонски прогресив-транс артисти EGORYTHMIA придружуван и со диџеите DUAL RESONANCE, MODUAL, SPIRIT ARCHITECT и ALBIORIX, а со артисти од овој калибар атмосферата за затворањето на Фестивалот едноставно не можеше да не биде одлична.
Паралелно со програмата на главната бина, извонредна и магична концертна атмосфера вчера вечер го преполни и CHURCH стејџот, музичкиот храм и неизбежната атракција на Д Фестивал каде се одржаа настапите на легендарниот ALI FARKA TOURE BAND од Мали и унгарскиот бенд MESZECSINKA кои со својата фузија на различни музички стилови и мелодии ја натераа публиката на еуфорично танцување со нивниот весел и егзотичен звук!
За официјален крај на фестивалот, најиздржливите посетители го дочекаа утрото разиграни пред Браво Дојран зоната која традиционално е последното збирно место на сите Д фестивалџии каде заедно го дочекуваат изгрејсонцето покрај брегот на Дојранското Езеро.
Им благодариме на сите кои годинава беа дел од Фестивалот, сите учесници, музичари, гости, волонтери, пријатели, поддржувачи, дојранчани, а најмногу на Д Фестивалџиите за неизмерната љубов со која го преплавија Дојран во овие три дена и за привилегијата да ја доживееме неверојатно позитивната и магична фестивалска авантура која тие ја создадоа!