Интервју
ЖЕЉКО ЈОКСИМОВИЌ: „Емотивно сум поврзан со Скопје, затоа од тука го стартувам концертот“ (ФОТО)
Денеска во Скопје гостуваше српскиот композитор и кант-автор Жељко Јоксимовиќ со цел пред медумите да го најави концертниот омнибус кој започнува од Скопје, а ќе го прошета целиот Балкан.
„Два света“ е насловот на проектот кој скопјани ќе можат да го погледнат на први, втори и трети декември во Македонскиот народен театар, а за што поточно станува збор ви откриваме со ексклузивното интервју со Жељко Јоксимовиќ.
– „На овој проект работев неколку месеци и заедно со Биг бендот направивме повеќе аранжмани на поп, рок, но и фолк песни и сега истите во џез варијанта премиерно ќе ги претставиме во Скопје. Ова е една поинаква приказна, настан за еден ваков интимен амбиент, каде звуците на Биг бендот можат да се слушнат и во живо, како доаѓаат непосредно од сцената, а не само од озвучувањето. Затоа и е замислен како проект што ќе остане, проект за сеќавање кој ќе биде ставен на ЦД, а некои од концертите забележани и на едно ДВД.“ – вели Јоксимовиќ.
Жељко во Скопје ќе допатува со цел симфониски оркестар од 40 музичари за да се претстави со неговиот најнов проект со наслов „Два света“. Станува збор за преработки на веќе познати нумери од легендарниот Тома Здравковиќ, Предраг Живковиќ – Тозовац, групата „Ван Гог“, како и неколку нови песни на Јоксимовиќ.
На прашањето зошто овој концертен омнибус тргнува од Скопје, тој одговори:
– „Во Скопје сум го имал најголемиот концерт во мојот живот. Успеавме пред две години да собереме околу 70.000 луѓе на арената Филип Втори и затоа секогаш имам почит кон Македонците. Ова за мене е проверен терен и морам да признаам, емотивно сум поврзан со Скопје.“ – додаде Јоксимовиќ.
За крај поразговаравме и за забраната за емитување на српска музика во Македонија, на што тој се пошегува дека „Македонците ќе можат овој декември да го гледаат во живо, но не и да го слушаат на телевизија и радио“. Жељко додаде:
– „Политиката никогаш не треба да ја мешаме со музиката. Не може никој да ви забрани да слушате музика, а ако ви забранат повелете на мојот концерт да слушате убава музика (се смее). Јас веднаш се побунив против таа рестриктивна мерка на ЗАМП И СОКОЈ и мислам дека нашите песни не се виновни. Мора да постои друг начин кога се такви работи во прашање. Сигурен сум дека постојат и други автори кои се согласуваат со мене. Ќе повторам, сите мои композиции, како моите така и оние што сум ги напишал за други изведувачи се ослободени од забраната.“ – за крај додаде Жељко.
Инаку, во едночасовното дружење со новинарите Јоксимовиќ средбата ја искористи и за неколку интервјуа, но и приватно дружење со дел од своите соработници и пријатели во Скопје.