МК Сцена
ЗЛАТНА БУБА МАРА: Награда за животно дело ќе добие ансамблот Мањифико
Пантелеј Кочовски-Панче и Крсто Таушанов, ученици во Средното музичко училиште во Скопје, летото на 1959 година се на младинска работна акција во Демир Капија, најужната делница од автопатот Братство-Единство.
Се пријавуваат за учество на приредба за младите бригадири. “Инфицирани“ од мелодичноста и чистата, богата и заведлива хармонија на латиномериканската музика, која во тие години царува во светот, а која била изведувана најчесто од вокално-инструментални триа, Панче и Крсто го бараат третиот човек за првиот настап на нивното трио. Меѓу бригадирите го среќаваат Сергеј Поповски, гитарист, исто така, ученик во Музичкото училиште. Безименото трио настапува со “Песна за Аргентинa“ и “Бунтовник“.
Успехот е неочекувано голем. Набргу, на местото на Сергеј доаѓа Димитар Томов-Митко, одличен гитарист и вокал. Следната 1960 година, во Музичкото училиште ја “откриваат“ Невенка Арсова и нејзиниот раскошен алт. Таа година квартетот го добива името Мањифико(Magnifik-чудесно, величествено). “Величенствената“ четворка, проширувана повремено и до секстет, ја започнува својата извонредно успешна кариера која трае до јули 1990 година.
Во текот на 31- годишното постоење на вокално-инструменталниот ансамбл Мањифико настапува во 37 земји на сите континенти, остварува неверојатна бројка од 3.700 концерти и 600 добротворни настапи, кои ги посетиле преку 7 милиони гледачи. Дискoграфската продукција на Мањифико е импозантна: 28 мали грамофонски плочи, 5 албуми, 4 аудио касети, 1 видео касета, 3 аудио компакт дискови и 1 DVD, речиси сите продадени во златен или сребрен тираж. Радиостаниците за Мањифико емитувале 192 емисии, а на 16 ТВ станици се снимени 140 полчасовни и едночасовни шоу програми. Нивниот концертен репертоар е составен од 320 песни, најмногу од латиноамериканско и шпанско поднебје, но и од светски евергрини, како и македонски староградски бисери.
Мањифико настапува пред претседателот на Југославија Јосип Броз Тито, неколку пати и пред дипломатскиот кор на тогашната федерација. Мексиканскиот претседател Лопез Матеос, воодушевен од изведбите на Мањифико му подарува комплет мексикански оригинални народни носии.
Ансамблот Мањифико,со своите до перфекција доведени изведби, е редок пример за професионалност,талент и уметничка креативност, но и доказ за отвореноста на македонскиот дух кон светските уметнички вредности каква што е и латиноамериканската и шпанската музика.