Ракомет
ФОТОГАЛЕРИЈА: Вардар со десет разлика го совлада полскиот првак Киелце
Фотогалерија: Драган Тануровски / Популарно.мк
Македонскиот ракометен шампион Вардар вечерва го победи Киелце со 34:24 и му го нанесе првиот пораз на полскиот првак во петтиот меѓусебен дуел.
„Црвено-црните“ до петтата победа оваа сезона во Лигата на шампионите дојдоа со доминантна игра во текот на целиот натпревар, а беа предводени од рускиот тандем Тимур Дибиров – Сергеј Горбок со по осум погодоци.
На голот одличниот Арпад Штербик забележа 12 одбрани.
Победникот се наѕираше уште по петнаесетина минути игра по 9:6 за домаќинот, а на полувреме се отиде со 18:14. Во 47.минута вардарци за првпат имаа +10 (30:20). До крајот избраниците на Раул Гонзалес одиграа рутинирано задржувајќи ја огромната предност.
Со петтата победа Вардар се зацврсти на чело во Б-групата со 10 бода, а Киелце остана на шест.
Следува пауза во Лигата на шампионите поради репрезентативни настапи, а Вардар наредните мечеви ќе го има против европскиот првак Барселона, прво на гости на 14 ноември, а потоа во Скопје на 22 ноември.