Одбојка
Македонија против Естонија во борба за златниот медал во Европската лига
Македонската одбојкарска репрезентација попладнево од 17 часот против Естонија ќе игра во финалето на завршниот турнир од Европската лига што се игра во Варна. Двете репрезентации вчера извојуваа тешки победи од 3:2 во сетови. Македонија ја победи Австрија, а Естонија беше поуспешна од домаќинот на завршниот турнир Бугарија.
Пласманот во финалето на двете селекции е сосема заслужен бидејќи немаат ниту еден пораз во досегашниот тек од натпреварувањето оваа сезона.
Македонија и Естонија постигнаа по седум победи (шест во групата и еден во полуфиналето). Минатата година на завршниот турнир во Полска во полуфиналето Македонија ја победи Естонија со 3:0, а претходно Естонците имаа две победи во групата.
Естонија е еден од ривалите на нашата репрезентација и во квалификациите за Европското првенство што ќе се играат во септември годинава.
Во натпреварот за 3.место на завршниот турнир во Варна од 14 часот ќе играат Бугарија и Австрија.