Над 300 млади пливачи на Зимското национално првенство во мали базени
Зимско национално првенство во мали базени се одржа во Спортскиот Центар Борис Трајковски во Скопје, во организација на Национална Пливачка Федерација. Оваа манифестација се одржува повеќе од 60 години и им дава можност на младите пливачи да постигнат резултати и да напредуваат во нивните спортски кариери.
Во првенството зедоа учество 310 млади пливачи во категоријата од 25 метри, поделени во 5 старосни категории 12, 14, 16 и 18 години, од сите активни пливачи во Скопје и Битола. Настанот беше во согласност со мерките и протоколите укажани од Владата за натпревари и тренинзи, со тоа што беше намален бројот на пливачи, беше поделен на неколку делови, а од публика дозволено беше учество само на тренери и службени лица.
– Во текот на целата година пливачките клубови а и федерацијата организираа низа на пливачки натпревари и пливачки маратони кои поминаа во најдобар ред со почитување на протоколите за справување со Ковид-19. Пливањето е важна физичка активност, потребна за правилен раст и развој на младите. Би сакал да искажам благодарност кон спортските пливачки работници кои со несебичен труд и волонтерство се посветени да донесат среќа, радост и многу успех кај нашите пливачи од најмала па се до најголема возраст постигнувајќи државни рекорди и многу значајни резултати во нивните прекрасни кариери, вели Александар Филипчев, претседателот на Федерацијата.
За настанот беше обезбеден најмодерниот уред за електронско мерење на времиња, а од Белград беше изнајмена најсовремена опрема со учество на пливачките клубови – членки на Федерацијата.
Со завршување на сите 4 дела од Зимското Национално Првенство во пливање кое се одржа на базенот Борис Трајковски, официјално прогласени се најуспешните пливачи по категории:
Мажи во категорија сениори – Деркоски Филип П.В.К.Орион, категорија младинци – Стојановски Андреј ПК Нептун, категорија кадети – Стојановски Андреј ПК Нептун, категорија постари пионери – Јанковски Јован П.В.К.Орион и категорија Помлади Пионери – Бошнаков Димитар ПК Скопје.
Жени во категорија сениори – Блажевска Еминова Миа П.В.К.Орион, категорија Младинци – Блажевска Еминова Миа П.В.К.Орион, категорија кадетки – Блажевска Еминова Миа П.В.К.Орион, категорија постари пионерки – Дамјанова Софија ПК Октопод и категорија помлади пионерки – Танаскоска Катја ПК Скопје.
– Првенството се одвиваше во супер спортска атмосфера каде се почитуваат фер плејот и сите правила на натпреварот. Би сакал да напоменам дека досега се соборени повеќе државни рекорди а постигнати се многу резултати кои се најдобри постигнувања кај нашите македонски пливачи. Во една од трките земаа учество и пливачите од Специјалната Олимпијада на Македонија и тоа му даде посебен драж на првенството. Забелешките и коментарите на сите 16 клубови кои земаа учество се позитивни затоа што нашите колеги – спортски работници ја разбираат тежината на организацијата во ваква ситуација. Би сакал да изразам голема благодарност до сите пливачи, тренери , клубови и спортски работници кои со својата работа овозможуваат насмевки и радост кај нашите деца и пливачи, додава Миро Крстевски, делегат на првенството и претседател на еден од најголемите македонски пливачки клубови – ПК Бета Шаркс Скопје