Спорт
Нова победа на младата македонска фудбалска репрезентација
Младата репрезентација на Македонија за играчи до 21 година ја победи Бугарија со 1:0.
Во пријателски натпревар одигран попладнево на тренинг центарот „Петар Милошевски“ крај ФФМ, во Скопје, избраниците на Благоја Милевски заслужено се радуваа на нов триумф откако целосно доминираа во пресметка со бугарските врсници.
Фудбалерите кои ќе не претставуваат на ЕП во Полска, создадоа многу шанси, а доминацијата на нашата репрезентација конечно беше крунисана со водство од 1:0 во 43. минута кога Марјан Радески го совлада бугарскиот голман.
Во 86. минута пенал за Македонија не успеа да реализира Петар Петковски. Голманот на Бугарија успеа да го одбрани ударот на нашиот напаѓач.
За репрезентацијата до 21 година ова веројатно беше последен тест натпревар пред Европското првенство кое се игра во Полска. Македонија на големиот европски собир е во група со Србија, Португалија и со Шпанија.