Останато
Отворени игрите во Пјонгчан – Олимпискиот дух го обедини Корејскиот Полуостров
Со спектакуларна церемонија на олимпискиот стадион во Пјонгчанг денеска беа свечено отворени 2З. Зимски олимписки игри (ЗОИ).
На отворањето кое за момент го обедини Корејскиот Полуостров домаќините гордо ја претставија својата богата историја, култура и митологија. Свечерната церемонија започна со огромен огномет, а носители на перформансот на ова отворање на ЗОИ беа пет деца кои во корејската култура ги претставуваат петте елементи од кои е составен светот – оган, вода, дрво, метал и земја. Исто така значаен дел од приказната е и корејскиот митолошки бел тигар, кој домаќините го избраа за маскота во овие игри.
Организаторите и на ова отворање приредија изобилство од бои и технички средства, а меѓу другото во масовна сцена беше претставен и знакот Јин и јанг кој го има на корејското знаме.
Игрите, чија организација се одвиваше во исклучително високи политичките и воените тензии на Корејскиот Полуостров, успеаа во духот на олимпизмот накратко да ги намалат непријателствата. Спортистите на Северна и Јужна Кореја на церемонијата се појавија заедно под специјално унифицирано знаме.
На отворањето продефилираа над 2.900 спортисти од 93 земји. Најмногуброен тим има САД со 242 олимпијци. Македонија ја претставуваа тројца спортисти: Ставре Јада, кому му припадна честа да го носи македонското знаме на стадионот во Пјонгчан, Антонио Ристевски и Викторија Тодоровска.
На спортски план овие игри ги одбележаа и допинг скандалите со руските спортисти кои добија забрана за настап под националното знаме, но 168 од нив појавија на отворањето под олимпиското знаме како „Олимписки спортисти од Русија“.
Безбедноста во Пјонгчанг е на највисоко можно ниво, а отворањето го следеа и бројни државни делегации меѓу кои беа присутни и јужнокорејскиот претседател Мун Џеј Ин, потпретседателот на САД Мајк Пенс, јапонскиот премиер Шинзо Абе и други.
Јужнокорејскиот претседател Мун Џеј Ин ги прогласи игрите за отворени откако се поздрави два пати со Ким Јо Џонг, сестра на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.
На свеченоста претседателот на Меѓународниот олимписки комитет Томас Бах во говорот упати апрел за мир и ја нагласи обединувачката моќ на олимпизмот.
Борилиштата во Пјонгчанг во наредните 16 дена ќе бидат во фокусот на светскиот спорт.