Останато
СЦ „Борис Трајковски“ демантира: ОФМ е виновна за исклучената климатизација
Во продолжение интегрално ви го пренесуваме демантот испратен од СЦ „Борис Трајковски“:
Овој официјален демант-информација се однесува на искажаните невистини за условите на одржување натпревари во националната арена БОРИС ТРАЈКОВСКИ во Скопје за време на неодамна оддржаните натпревари во одбојка помеѓу репрезентациите на Македонија и Израел во саботата на 18.07.2015 и на 19.07.2015, недела.
Сите граѓани имаат право да ја знаат вистината и причината зошто на оддржаните натпревари во одбојка во Спортскиот Центар немаше климатизација и се играше во несоодветни услови.
Друштвото за изградба, управување и издавање на повеќенаменската сала БОРИС ТРАЈКОВСКИ ДООЕЛ Скопје стопанисува со Националната Арена врз основа на утврден ценовник за издавање под закуп.
Секој закупец согласно своите потреби може да одбере кои услуги и услови ќе ги користи за време на одржувањето на закупот, а за избраната понуда одлучува самиот организатор, во овој случај Одбојкарската федерација на Република Македонија.
БОРИС ТРАЈКОВСКИ ДООЕЛ Скопје нема никаква одговорност ниту влијае на одлуката на организаторот. Напротив, Друштвото секогаш се залага македонскиот национален спорт да се развива и оддржува во беспрекорни услови, затоа истиот го поддржува и влијае на квалитетот и подобрување на спортот и условите за спортување во земјата.
За таа цел, цените за греење и ладење при оддржување на спортски натпревари во Националната Арена се намалени за 700% за греење и 300% за ладење, што е доказ дека условите се прифатливи, нудат квалитет од светски размери, а цените се повеќе од достапни.
Специјално за македонските федерации, изготвена е специјална понуда со бенефицирани цени за одржување на официјални и пријателски натпревари на репрезентативно ниво.
Друштвото кое стопанисува со националната арена БОРИС ТРАЈКОВСКИ во Скопје бара јавно извинување од сите оние кои упатија јавни критики на адресата на Спортскиот Центар, затоа што одговорност за немањето климатизација на натпреварите кои се одржаа минатиот викенд сноси и е одлука на самиот организатор, во случајов одбојкарската федерација на Република Македонија.