Останато
Се приближува стартот на скопскиот маратон
„Ако сакаш да трчаш, истрачај милја. Ако сакаш да искусиш поразличен живот, трчај на маратон.“, изјавил познатиот тркач на долги патеки, Емил Затопек од Чешка, добитник на три златни медали во 1952 на летната Олимпијада во Хелсинки.
Оваа мисла не е далеку од вистината, бидејќи како што се доближува 8-ми мај, денот за кога е закажана најпознатата спортска маниестација низ скопските улици, така бројот на пријавени учесници на Виз Ер Скопскиот Маратон постојано се зголемува.
Според бројот на пријавените учесници досега, организаторите на Виз Ер Скопски Маратон 2016, најавуваат дека годинешното издание ќе биде најмасовно досега.
– „Веќе имаме повеќе од 6.000 пријавени натпреварувачи и вљубеници во трчањето од повеќе од 45 земји во светот за стандардните трки – маратонот (42.195км), полумаратонот (21.097км) како и трката на 5 километри, кои и оваа година се главно обележје на маратонот. Не помалку голема е заинтересираноста за штафетниот маратон. Пријавувањето трае до 29-ти април, или додека не се пополнат квотите. Би сакал да ги повикам и потсетам сите заинтерсирани и љубители на активниот начин на живот, сите спортски рекреативци, како и професионални спортисти и атлетичари, да ја искористат последната шанса за пријавување на оваа голема спортска манифестација и да бидат дел од најмасовниот маратон во Скопје. Како и до сега, пријавувањето се одвива на официјалната страница на маратонот,“ изјави Кире Синадиновски, директор на Виз Ер Скопскиот Маратон.
Сите пријавени учесници ќе имаат единствена можност да ги подигнат своите стартни пакети на 6-ти и 7-ми мај од 10:00 до 19:00 часот во холот на Конгресен центар „Александар Македонски“ во Скопје, поранешна Универзална Сала.
Насловниот спонзор, Wizz Air, како на сите учесници ќе им додели вредносен ваучер од 20 евра, кој ќе може да се искористи за купување на билет за било кој лет со кои оперира оваа авионска компанија од и до Скопје.
Дванаесеттото издание на маратонот е под покровителство на Град Скопје, Мисијата на Европската Унија и Агенцијата за млади и спорт. Маратонот се одржува на 8-ми мај по повод Денот на Европа.