Останато
Спектакуларно отворањето на Игрите во Рио (ФОТОГАЛЕРИЈА)
Со спектакуларна церемонија на стадионот „Маракана“ во Рио де Женеиро ноќеска свечено беа отворени 31. Летни Олимписки игри.
Ова се први Игри што се одржуваат на јужноамериканскиот континент.
На овие Игри присутни се спортисти од 206 национални олимписки комитети, а своето прво учество ќе го имаат Косово и Јужен Судан.
Со намален буџет и значително помалку средства во однос на Лондон пред четири години, организаторите организираа одлична церемонија на свеченото отворање во која доминираа три теми – екологијата, различноста и радоста.
Повеќе од 35.000 професионалци беа вклучени во церемонијата на отворањето, како и 12 школи на самба со повеќе од 5.500 костими.
Свое место на церемонијата имаше и познатата „Девојка од Ипанема“. Режисерот на филмот „Градот на боговите“, Фернандо Меирелеш заедно со колегите Андруч Вадингтон и Даниел Томас беа задолжени за организацијата.
Дел од отворањето беше и една од најпознатите манекенки на светот и една од „амбасадорите на Бразил“ Жизел Бундшен. Од здравствени причини го немаше еден од најдобрите светски фудбалери Пеле.
Игрите за отворени ги прогласи привремениот претседател на Бразил Мичел Тимер, а олимписката заклетва во името на спортистите ја даде бразилскиот спортист во едрење Роберт Шет, учесник на пет Олимписки игри.
Олимпискиот пламен на стадионот го внесе поранешниот тенисер Густаво Куертен, а го запали бразилскиот маратонец Вандерлеј Кордеиро де Лима.