Останато
Стуџински и Позобон победници на Охридскиот пливачки маратон
Германскиот пливач Александар Стуџински е победник на 31. Охридски пливачки маратон што денеска се пливаше во водите на Охридското Езеро.
Стуџински 30-километарската патека „Климе Савин“ од Свети Наум до Градското пристаниште во Охрид ја исплива за 5:15.14 часа, минувајќи ја како најдобар целната линија од седумте пливачи кои во група влегоа во самата завршница на трката.
Втор на целта со само еден замав на раката или нецела секунда задоцнување доплива нашиот маратонец Евгениј Поп-Ацев (5:15:15), пред третопласираниот Гиљермо Бертола од Аргентина (5:15:16).
Во конкуренција на маратонките апсолутна доминација на италијанските пливачки. Прва до целта исплива Барбара Позобон, со извонредно остварено време од 5:15:51 часа. Второпласирана беше нејзината ривалка Алис Франко, додека третопласирана нивната сонародничка Мартина Грималди.
Поп-Ацев за денешната трка рече дека била една од највозбудливите маратони на Охридското Езеро.
– Активно учествував на една од највозбудливите трки во историјата на Охридскиот пливачки маратон. Воопшто не сум разочаран што не стигнав до првата позиција, бидејќи Стуџински имаше повеќе сила и енергија во финишот, рече Поп-Ацев по излегувањето од водата.
Евгениј Поп-Ацев со денешното второ место обезбедува 11 бода, така што со веќе освоените 25 на двете претходни трки во Аргентина и Канада има вкупно 36. Со тоа тој е најдобар во генерален пласман на Гран-при серијата маратонски трки на ФИНА пред завршната последна трка Капри-Неапол што на распоредот е на 3 септември.