Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Светската пливачка елита денеска дел од Охридскиот пливачки маратон

Останато

Светската пливачка елита денеска дел од Охридскиот пливачки маратон

Дваесет натпреварувачи од кои десет мажи и исто толку жени денеска точно на пладне ќе влезат во водите на Охридското Езеро, како учесници на 29-от по ред Охридски пливачки маратон – најголемата меѓународна спортска манифестација во земјата.

Охридскиот маратон, што се одржува под покровителство на Претседателот на Република Македонија, е редовна трка од „Гран-при“ серијата на Светската пливачка федерација (ФИНА). Се плива на патеката „Климе Савин“ од манастирскиот комплекс „Св.Наум“ до Градското пристаниште во Охрид, со вкупна должина од 30 километри. Првите маратонци на целта во Охрид ќе пристигнат некаде пет часа подоцна.

Oваа година боите на Македонија ќе ги бранат Томи Стефаноски и Евгениј Поп Ацев, кој во генералниот пласман во моментов е на одличното трето место со освоени 23 бода.

Поп Ацев, кој минатата година беше второпласиран во Охрид, пред самата трка рече дека е во добра форма, изразувајќи надеж дека временските услови ќе придонесат за добра трка.

– Оваа година беше тешка за мене, се обидов да учествувам и на десеткилометарските трки, на „Гран-при“ трките и на Светското првенство. Изминатите неколку седмици имав и некои здравствени проблеми, но се надевам дека сум доволно подготвен, рече Поп Ацев.

Рекордот на маратонот во Охрид му припаѓа на Аксел Рејмонд, постигнат пред две години кога, тогаш 19-годишниот француски маратонец, патеката ја исплива за 5:09:54(95) часа.

Инаку, во машка конкуренција засега на табелата води Французинот Бертранд Вентури со 28 бода, а кај маратонките најдобра во моментот е Пилар Геиљо од Шпанија со 43 освоени бода.

Во ФИНА бодувањето се одредува според паричниот фонд, така што победникот на Охридскиот пливачки маратон, покрај паричната награда, ќе добие и 15 бода на своето конто, второпласираниот 11, третиот 9, четвртиот 7…осмопласираниот 3 бода. Секој што ќе го исплива маратонот во предвидениот временски рок до половина час после пристигнувањето на победникот на целта добива два бода.

Наградниот фонд на маратонот во Охрид изнесува десет илјади долари. Организатор е Меѓународната пливачка федерација (ФИНА), додека техничката организација е на Македонската пливачка федерација, со поддршка на Општина Охрид и на Капетанијата на пристаништата.

Охридскиот пливачки маратон континуирано се одржува од 1992 година, а првиот официјален маратон во Охрид се одржа во 1962 година на патеката Пештани – Струга – Охрид во должина од 36 километри. Победник на првиот маратон беше Египќанецот Абу Хеиф, третото место му припадна на охриѓанецот Дики Бојаџи, додека во женска конкуренција победи неговата сестра Атина Бојаџи.

Охридскиот маратон е петти од серијата „Гран-при“ маратонски трки на отворени води од распоредот на ФИНА за тековната 2015 година. До крајот на оваа сезона на маратонците после Аргентина, Мексико, Канада и Охрид од „Гран-при“ серијата маратонски трки во должина над десет километри им останува уште само трката кај Капри во Италија.

Главниот и одговорен уредник на веб порталот Популарно.мк. Ѓорги е перспективен новинар кој со својата креативност и талент го направи Популарно.мк дел од водечките информативни сајтови во Македонија. Во исто време е регионален известувач за CNN од Македонија и главен на продукцијата GPTM Production.

Повеќе од Останато

Маркетинг

Трендинг

Маркетинг
Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.