Останато
Трчаме за децата со Даунов синдром во недела во парк!
Во недела на 27-ми март по повод Светскиот ден на лицата со Даунов синдром во Градскиот парк во Скопје кај Школка од 11:00 часот по прв пат ќе се одржи хуманитарна трка на еден километар.
Трката е од отворен карактер и во неа освен што ќе учествуваат деца со Даунов синдром и нивните семејства, може да трча секој кој што сака да биде дел од оваа хуманитарна спортска акција со донирање на 150 денари. Пријавувањето се одвива на: www.smartrace.club. Учеството на трката за лицата и децата со Даунов синдром е бесплатно.
Сумата која ќе биде собрана ќе се користи за обезбедување услови за тренирање на децата со Даунов синдром во текот на целата година, како обезбедување сала, реквизити, стручни лица за работа, организирање на семинари.
„Нашата цел е да се подигне свеста за лицата со Даунов синдром и притоа сакаме да нагласиме дека тие имаат еднаков пристап до спортот и спортските активности, но и општо во секојдневието. Сите деца со Даунов синдром по завршување на трката ќе бидат наградени со медали и пригодни подароци. За останатите натпреварувачи ќе бидат обезбедени награди по лотарија систем“, изјавија организаторите кои додаваат дека на овој спортски хепенинг после трчањето ќе има уште три спортски активности кои се од забавен карактер: мечување, кошарка и фудбал.
На хуманитарниот настан кој започнува во 11:00 часот во недела ќе му претходи загревање кое ќе го води фитнес инструктор, а по доделување на наградите ќе се одржат интересни забавни игри како мечување, фудбал и кошарка, а ќе има и забава со DJ за прекрасно поминат ден.
Настанот е во организација на Мечувачки клуб Ескрим.