Останато
Виз Ер Скопски маратон со најава за маратонски музички настан на 6 мај
Виз Ер Скопскиот маратон во 2018-та на несекојдневен начин ќе ги спои музиката и спортот, збогатувајќи ја програмата со нови активности кои имаат тенденција да го направат ова доживување незаборавно, како за учесниците, така и за публиката.
Организаторите на Виз Ер Скопски маратон одлучија да отворат повик до бендовите, DJ-и и музичари за да овозможат нивна промоција во рамките на ова случување на 6 мај 2018 со цел македонската публика подобро да се запознае со нивната музика, стил и финално – да им се пружи можност да го демонстрираат својот талент.
Целта на оваа активност е ангажманот на сите овие групи и поединци да биде забележан од големиот број тркачи на патеката како и публиката и да се создаде добра навивачка атмосфера долж целата патека. После маратонот самите учесници во истиот, тркачите, ќе изберат кој/а група/поединец бил најдобар аниматор за време на трката, со што групата или поединецот ќе се здобие со популарност која ќе ги катапултира надвор од маргините на анонимноста.
Се повикуваат сите бендови, поединци и DJ-и кои се полни ентузијазам, вистински предадени на својата музика и се сметаат за подготвени да станат дел од најмасовната спортска манифестација во Македонија, да се пријават и да земат учество во големиот настан каде ќе имаат можност да настапат и да ја промовираат својата музика, да ги мотивираат натпреварувачите и да ја забавуваат публиката за време на Виз Ер Скопски маратон. Повикот и пријавувањето ќе започне во јануари 2018, а сите детали ќе бидат објавени на веб страната на Виз Ер Скопски маратон.
Виз Ер Скопскиот маратон ќе се одржи на 6 мај 2018, и традиционално, како и претходните години ќе се состои од 4-ри трки: маратон, полумаратон, штафетен маратон (4 х 10,5 км) и трка на 5км. Вториот круг на пријавувања завршува на 31 декември 2017 и се повикуваат сите заинтересирани да ги искористат останатите 11 дена за да се пријават по поволна цена во последните денови од 2017 година. Воедно, организаторите истакнуваат дека пријавата на Виз Ер Скопски маратон може да претставува и одличен празничен подарок за некој близок, пријател или колега.
Пријавувањето и регистрацијата за Виз Ер Скопски Маратон 2018 ќе може да се изврши преку официјалната веб страна на Виз Ер Скопскиот Маратон, www.skopskimaraton.com.mk како и преку партнерот за онлајн регистрација на Виз Ер Скопски Маратон, www.smartrace.club.