Останато
ЖЕНСКА ТРКА ВО СКОПЈЕ: Над 1000 жени трчаа во името на здравиот живот (ФОТОГАЛЕРИЈА)
Брзото секојдневие придонесува жените да имаат сè повеќе обврски, а сè помалку време за да обрнат внимание на себе и на своето здравје. Вежбањето и физичката активност не смеат да бидат запоставени, а водењето на здрав живот мора да биде примарна цел на сите нас.
Ова беше пораката која повеќе од илјада жени денеска ја испратија на 4-та по ред Женска трка, која претпладнево беше одржана во Градскиот парк во Скопје.
Насмеани, расположени и подготвени за дружење, трчање и забава, денес голем број на жени од 10 часот пред Школка најпрвин одржаа аеробик час, а потоа истрчаа два километри. Низ годините, Женската трка која што е во организација на Сојузот на спортови на Скопје, а под покровителство на Град Скопје, се здобива со сè поголема популарност и бројот на жени кои учествуваат во трката од година во година се зголемува.
– „Оваа година Женската трка, која што е дел од промотивните трки на Виз Ер Скопскиот Маратон 2016, е влезена во календарот на Европската Атлетска Федерација, па целиот убав настан имаше и натпреварувачки карактер. Трите најдобро пласирани во генерален пласман добија награди, а имаше награди и за најдобрите три по возрасни категории, а се одржа и лотарија за сите учеснички. Денеска беше прекрасно да се видат толку многу жени на едно место дојдени со една цел, да спортуваат и да се забавуваат. Тие на овој начин покажаа дека здравјето е нивен приоритет. Денешната Женска трка со бројка од над 1000 жени беше доказ дека припадничките на понежниот пол кај нас знаат како да се грижат за своето здравје. Горда сум дека од година во година расте заинтересираноста на жените да се вклучат во активноста која го засега нивното здравје, изјави Гордана Николовска од Сојузот на Спортови на Скопје
Трите победнички на годинешната женска трка се Хајрие Азири (прво место), Виолета Ивановиќ (второ место) и Бојана Наумовска (трето место). На трката присутен беше и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, кој ја означи старт линијата.
Дека целиот настан го разубави викендот во Скопје потврди и Кире Синадиновски, директорот на Скопски Маратон.
– „Изненаден сум од глетката која утрово ја видов во Градскиот парк. Навистина ме радува фактот дека сè повеќе жени се пријавуваат да трчаат на Женската трка и со тоа очекувам и во поголем број од минатите години да ги видиме на стартот на Виз Ер Скопски Маратон на 8-ми мај оваа година. Според досегашните пријавени учесници, овогодинешниот маратон ќе биде најмасовниот досега бидејќи до денеска имаме 5.000 пријавени учесници“, изјави Кире Синадиновски, директор на Виз Ер Скопски Маратон.