Uncategorized
ФОТОГАЛЕРИЈА: Нокаут позитивно во „Борис Трајковски“
Нокаут и нивната публика по трет пат ја прославија Новата година пред другите. И тоа многу позитивно.
Облечени во креациите на Ирина Тошева, момците го почнаа дружењето со фановите со песната “Еј Би Си”, а откако го најавија единствениот гостин вечерта – публиката, продолжија со уште побрзо темпо. Од сцената во Борис Трајковски се слушаа “Фатална Опсесија”, “Добро утро будење”, “За нас”, “Временска машина”, “Позитивно”, “Би се викал те сакам”… Песната “Илјада причини за крај” му беше посветена на прерано починатиот поранешен член на НОКАУТ, Ацо Кога, која фронтменот Никола Перевски Пере сам на пијано ја отсвире со многу емоции.
За целата магија на сцена да биде потполна се погрижија и режисерот Синиша Ефтимов и сценографот Влатко Чачоровски-Чоле.
И овој пат вокална поддршка на бендот беше ќерката на Пере, Михаела Перевска, на кој друштво на сцената и правеше и Владимир Поп-Христов Мио. За да им се оддолжат на сите свои фанови кои со години им ја даваат својата поддршка, Нокаут им ја исполнија желбата на многумина кои во инбокс на нивната фан страна замолија да честитаат роденден или годишнина, испишувајќи ги нивните пораки на видео бимот. Имаше и една просидба.
Официјалниот крај на концертот беше означен со “Знаеш каде да ме најдеш”, но набргу беа поканети на бис. Иако ниту публиката, ниту бендот не сакаше да заврши вечерта, сепак се разделија со ветување дека ќе се видат повторно.