Uncategorized
По 30.000 денари првична помош за погодените семејства во невремето во Тетовско
Еднократна парична помош од по 30.000 денари државата ќе им исплати на семејствата погодени од синоќешното силно невреме во Тетовско, а специјална Комисија ќе ја проценува состојбата со оштетените имоти на терен, висината на штетата и помошта што ќе се исплати.
Одлуката ја донесе денеска Владата на седница посветена за состојбите во Тетовско, со учество на претставници од сите релевантни институции, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, Црвениот крст,….
Во невремето, кое одзеде четири човечки животи, според првичните проценки, значително се оштетени над 200 објекти.
– Има оштетување на приватен имот, објекти, државен имот, земјоделско земјиште, како и оштетување на државната и локалната инфраструктура. За жал, имаме потврдени четири жртви, со силни индикации дека можеби се работи за пет човечки жртви, рече на прес-конференција вицепремиерот Владимир Пешевски, кој во име на Владата упати сочувство до семејствата.
Комисијата во рок од ден-два ќе утврди список на семејства кај што ќе биде доделена еднократна парична помош на секое од загрозените семејства, по што ќе продолжи со проценка на целото оштетување на имотите од поплавите со што ќе биде утврдена и висината на штетата и помошта што ќе ја даде Владата.
Агенцијата за конфискуван имот, согласно заклучоците од седницата, ќе додели помош за семејствата со различна опрема, обувки, алишта и се што има на располагање и што може да биде од корист. Ќе биде отворена и посебна сметка за донации за помош, а формирано е и координативно тело кое ќе ги менаџира претстојните активности за справување со последиците од невремето.
– Центарот за јавно здравје во Тетово, пак, ќе ја следи состојбата со исправноста на водата за пиење и чистењето на поплавените улици, рече министерот за животна средина Нурхан Изаири.
Утре и задутре, како што информира тетовската градоначалничка Теута Арифи, ќе бидат прогласени за ден на жалост. Имајќи предвид дека се работи за непогода од големи размери и со нив не може да се носи само една општина, потенцира Арифи, од клучна важност е помошта од Владата. Синоќешното невреме е најголема непогода во Тетово по последните 30 години, рече Арифи, потенцирајќи дека помош веќе испратиле Град Скопје, општините Чаир, Струмица и Велес, како и голем број компании.
Вицепремиерот Пешевски потенцира дека веднаш по елементарната непогода во Тетовскиот регион се преземени сите итни и можни активности за помош. Вклучени беа сите надлежни институции, а Тетовско го посети и владин тим предводен од премиерот Никола Груевски.
– Уште во текот на раните утрински часови како резултат на посетата и одговорот на сите институции беа преземени низа чекори и мерки со цел да се надмине состојбата предизвикана од оваа елементарна непогода. Беше ангажирана сета потребна тешка градежна механизација, багери, камиони, кипери, се што е потребно за на терен да се расчистуваат патиштата, инфраструктурата и да се обезбеди пристап до сите населени места, рече Пешевски.
Во текот на ноќта беа доставени и првите количини вода за пиење во местата каде за тоа имаше потреба, а издадени се и насоки за дистрибуција на вода во наредниот период бидејќи во неколку од населените места има целосен прекин на водоводната мрежа. Има индикации, потенцира Пешевски, дека некаде можеби и водата не е за пиење. Доставени се и определени количини храна со цел да се надмине нарушеното снабдување, а екипи на Брзата помош уште од вечерните часови беа лоцирани на потребните пунктови каде што пружаа помош.