Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Православните христијани го слават Рождеството Христово-Божик

Uncategorized

Православните христијани го слават Рождеството Христово-Божик

Православните христијани во Македонија денеска го слават Рождеството Христово-Божик. Во сите храмови на Македонската православна црква изутринава се одржуват божикни литургии.

Централното одбележување е во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде што архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан ќе богослужи Златоустова литургија.

По повод Божик, Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан заедно со Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, до свештенослужителите, монаштвото и до сите верници, упатија Божикно послание во кое им пожелуваат мир и благослов од Бога, поздравувајќи ги со величествениот торжествен поздрав – Христос се роди! во кое се вели:

Возљубени празникољупци,

Дојдете да се возрадуваме и да воскликнеме пред витлеемскиот Богомладенец! Пријдете, со радост и восхит да извикаме: Слава на Бога во височините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја!

Оној, Кој предвечно постои, се роди кога се исполни времето. Бог ја прими нашата плот, нашето човечко тело, за да го возобнови и исчисти од гревот нашиот извалкан образ и, како созданија подложни на смртта – да нè обесмрти. На овој ден, Синот Божји воспостави нова заедница со целото човештво. Бог стана човек – се вочовечи, за човекот да го соедини со Себеси.

Во градот Витлеем, длабоко во ноќната тишина, Словото Божјо – Богочовекот Христос, дојде на земјата – се облече во нашето тело, сакајќи да го обожи со Своето Божество, објаснува свети Климент Охридски. На ист начин Синот Божји постојано се раѓа и во нашите души – онаму каде што замолкнува разумот, таму каде што единствено е присутна молитвата и каде што умот е исправен пред Бога. Господ Христос, очекуваниот Миротворец , се роди на земјата како незнаен и непознат, и само мудреците, пастирите и ангелите дојдоа да Го пресретнат во витлеемските јасли. Па да им се придружиме и ние на тие први поклоници и дарители пред Богодетето, како и на сите праведници и луѓе со добра волја, славејќи Го и фалејќи Го Бога за сè што е чуено и видено , зашто голема е тајната на побожноста – Бог се јави во плот…, им беше проповедан на народите и светот Му поверува

Возљубени чеда во витлеемскиот Богомладенец,

Преку воплотувањето и вочовечувањето, Синот Божји – ветеното спасение на сите луѓе , од Невидлив стана Видлив и се смести во Своето создание , се облече во нашето тело за да го обнови човечкиот лик изветвен од гревот , како што поучува свети Климент Охридски. Тој спасоносен настан направи за нас луѓето повеќе да не постојат пречки за средба и единство со Седржителот и Создателот на сè. Преку Христовото рождество се урна преградата помеѓу созданието и Бога, која беше подигната поради човековиот грев; вратите на Рајот се отворија и човекот се врати при Дрвото на животот од коешто ќе може вечно да се храни со Небесниот Леб.

Семилостивиот Бог, според Својата бесконечна добрина и неизмерна љубов, од Своите созданија прави благодатни учесници во Својата слава, изобилно дарувајќи ги со Своите бесконечни совршенства. Тој ни подари сè што е потребно за живот, та да може нашата немоќ да биде исполнета со силата Божја, нашата неправда да биде исправена со вистината Божја и нашето незнаење да биде просветлено со светлината Божја. Господ Христос, Спасителот на светот, е во нас и меѓу нас! Ете, Тој е славната Тајна на денешниот ден! Затоа, слава Ти Господи што ни го даде овој ден за прославување, за благодарност и за радост! Слава во височините на Бога, слава на Неговото неискажливо милосрдие, слава на Неговата бескрајна премудрост, слава на Неговата промисла! Слава на Неговото големо човекољубие!

Возљубени чеда на нашата Светиклиментова Црква,

Да Го молиме Семилостивиот Бог да нè удостои во претстојното 2016-то лето Господово, и овде во Татковината и меѓу Македонците по светот, достојно да ги одбележиме 1100-те години од упокоението на најголемиот македонски духовен великан – свети Климент Охридски, просветителот, чудотворецот и основоположникот на славната Охридска Архиепископија – патронот и закрилникот на нашата Македонска православна црква. Во оваа светиклиментова година, добро е да се потсетиме на великите дела, на огромното духовно наследство оставено од овој наш небесен покровител, па преку личен подвиг да го следиме неговиот пример.

Свети Климент трудољубиво и предано работеше на македонската духовна почва и закрилувајќи се со Христа – Светлината на светот, ги растеруваше темнината и мракот на незнаењето и неверието меѓу нашиот народ. Тој правилно ја разбираше силата на Божјата благодат и духовната светлина, која просветува и осветува, па затоа преку поука и личен пример ја утврдуваше добродетелта во срцата на доверениот му народ. Вооружен со силата на евангелската поука, многумина доведе до богопознание, ја искорени грубоста на мислата и го облагороди карактерот на личноста. Него, како учител, покрај другите добродетели, го красеа љубовта, молитвата, смирението и трудољубието. Преку својата пастирска дејност, вршејќи евангелско дело, македонскиот род го преобрази во свет народ, па затоа од Бога беше удостоен со апостолска благодат и рамноапостолско достоинство.

Во претстојната година, исто така, ќе се одбележува и 1000-годишнината од упокоението на свети Јован Владимир, кој маченички пострадал во Преспа. Житието на овој сведок за верата е силна поука за тоа колку можат да бидат уништувачки себељубието, предавството, братоубиствената војна, борбата за овоземна власт и слава, раздорите и слугувањето на туѓи интереси, како и сведоштво за тоа колку живее споменот на праведниците.

Возљубени чеда во Господа,

Подучени од светите богоугодници, да Го молиме Господа нашите срца да станат плодни ниви на добродетелта, па во секој од нас да потече извор на мир и братска љубов. Господ Христос е нашата моќ, нашата помош, нашата утеха, нашата радост и нашата надеж. Тој, како Човекољубец, со благодатната сила на Својата правда, нека ја поткрепува нашата Света Црква за да истраеме по патот на вистината, да го заштитува нашиот боговерен народ и со Својот Свет Дух да ја ороси нашата македонска земја. Да ги запре омразата, поделбите и меѓусебните непријателства. Да нè умудри сите заедно вдахновено да работиме за добробитот и напредокот на нашиот народ. Да ги исполни нашите домови со љубов и изобилна радост. Да ги земе под закрила нашите училишта, да ги просвети со спасоносната светлина благочестивите учители, наставници и раководители. Да ги благослови со Своите добрини нашите ученици и младината, зашто тие се утрешниот разум и совеста на Татковината. Домовите на сиромасите да ги поткрепи и исполни со вера и трпение, а на богатите да им подари сила за чинење на добродетели и милосрдие. Милостивиот Господ да биде покрај постелата на болните, да ги заштити вдовиците и сираците и на сите ним да им подари вера и блажена утеха. Во Господа е нашата радост, нашата љубов и нашиот живот. Затоа, Нему Му се молиме да ги чува нашата Светиклиментова Црква, слободата и независноста на нашата Татковина.

Светлината на витлеемска ѕвезда нека ни го осветлува патот кон духовното совршенство, та исполнети со благодарност и во мир да воскликнеме со целото свое битие: „Радувај се Вселено – Христос се роди!“ Амин!, се наведува во Божикното послание на архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и членовите на Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА.

Главниот и одговорен уредник на веб порталот Популарно.мк. Ѓорги е перспективен новинар кој со својата креативност и талент го направи Популарно.мк дел од водечките информативни сајтови во Македонија. Во исто време е регионален известувач за CNN од Македонија и главен на продукцијата GPTM Production.

Повеќе од Uncategorized

Маркетинг

Трендинг

Маркетинг
Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.