Uncategorized
Регулаторна комисија: Цената на струјата се намалува за 0,33 проценти
Цената на електричната енергија за крајните корисници од утре се намалува за 0,33 проценти.
Одлуката ја соопшти денеска Регулаторната комисија за енергетика, која вчера одржа подготвителна седница на која ги разгледа извештаите од енергетските компании.
Претседателот на Регулаторната комисија Димитар Петров на прес-конференција истакна дека намалувањето се должи на намалените трошоци и на намалените приходи на компаниите.
Најголемо учество во крајната цена ќе има ЕЛЕМ 50,6 проценти, ЕВН 44,16 и МЕПСО 5,24 проценти.
Петров информира дека компаниите имале забелешки на методологијата за која најави дека се можни измени во следниот период.
– Според нив методологијата не ги признава сите вкупни трошоци кои ги имаат. Нормално ниту една методологија не ги признава сите трошоци, но се согласуваме како Комисија дека практичната примена на методологијата можеби треба да претрпи одредени измени кои ќе кореспондираат со нашите услови на пазарот на електрична енергија. Согласни сме во наредниот период да направиме одредени надоградби кои ќе овозможат правилна локација на вистинските трошоци на компаниите, рече Петров.
Сметките со новата намалена цена на струјата граѓаните ќе ги добијат во август.