Uncategorized
Се намали височината на Мон Блан
Највисокиот врв во Западна Европа, Мон Блан, висок е 4.808,73 метри и е за 1,3 метри помал отколку пред две години, изјави денеска членот на експедицијата стручњаци геометри кои го извеле најновото мерење.
Во текот на претходното мерење во 2013 година највисокиот врв на Алпите достигнуваше 4.810,02 метри, покажа пресметката на Националниот институт за информации за географија и шуми (ИГН), но причината за тоа не е врелото лето бидејќи на тие височини температурата секогаш е во минус.
-Височината на Мон Блан главно се одредува според натапкувањето на снегот, што е поврзано со врнежите и ветрот, изјави глациологот на глациолошката лабораторија од Гренобл (ЛГГЕ) Кристијан Венсан.
Колку има повеќе врнежи од снег, а ветрот е послаб, повеќе снег се собира на височините, по што се задебелува глечерот што го прекрива карпестиот врв на 4.792 метри.
На тој начин Мон Блан од 2003 до 2007 година „нарасна“ од 4.808 на речиси 4.811 метри.
Под 4.810 метри не паднал уште од 2005 година, кога беше висок 4.808,75 метри.
Од 2001 година секоја втора година 23 искусни алпинисти учествуваат во мерењата кои ги организираат стручњаците геометри од Високата Савоја на средниот исток од Франција.
Оваа година првпат ја споредија височината во септември со височината на 31 мај.
-Оваа година имаше топло лето, и обичните смртници можат да помислат дека Мон Блан забележливо се намалил меѓу две мерења, рече геонетарот и координатор на експедицијата Венсан Гајар.
Меѓутоа, се случи токму спротивното, бидејќи Мон Блан кој во мај беше висок 4.807,88 метри за три месеца „нарасна“ за речиси цел метар.
И покрај многу врелото лето, глечерот се зголемил од мај до септември, па во септември изнесуваше 18.120 метри квадратни, а кон крајот на мај 13.395 метри квадратни.
Венсан истакна дека „на Мон Блан речиси и да нема топење, или само за неколку милиметри кога е многу топло во долините“ заради тоа што температурите на тој врв секогаш се во минус, дури и во текот на летото.