Актуелно
24 години самостојна и суверена Република Македонија!
Република Македонија денеска одбележува 24 години од успешно спроведениот референдум на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава.
Убедливо мнозинство, над 95 отсто од граѓаните што излегоа на референдумот на 8 септември 1991 година, позитивно одговорија на референдумско прашање „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“.
На референдумот му претходеше Декларација за независност што првиот повеќепартиски македонски Парламент ја усвои на 25 јануари 1991 година. Формално волјата на народот за самостојна држава беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991 во Собранието на Република Македонија.
Следен важен чекор во зацврстувањето на државата беше усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година. Сенка врз настаните со кои се поставија темелите на самостојна Македонија фрли бојкотот на референдумот од страна на дел од албанската етничка заедница и неподдржувањето на новиот Устав од пратениците Албанци. Десет години подоцна Уставот беше надополнет по конфликтот во 2001 и потпишувањето на Рамковниот договор.
Државноста на Македонија прва ја призна Република Бугарија, по што следуваа признавања и од Турција, Словенија, Хрватска, Русија, Босна и Херцеговина…
Државата се осамостои монетарно со воведување на денарот на 26 април 1992, а потоа доби и своја Армија која роденденот го слави на 18 август.
Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена за 181 полноправна членка на Светската организација. Поради противењето и притисоците на Грција, која не го прифаќа нашето уставно име, зачленувањето во ОН беше под привремената референца: Поранешна југословенска Република Македонија. Под покровителство на ОН, Скопје и Атина почнаа разговори за решавање на проблемот што го има Грција со уставното име на Македонија, кои се уште траат.
Во изминатите 24 години самостојно живеење македонската држава мина низ низа проблеми и тешкотии. Трицифрената инфлација на почетокот на 90-те години, грчкото ембарго, косовската бегалска криза и конфликтот во 2001 година беа вистински предизвици и закани за младата македонска држава што го забавија нејзиниот пат кон остварувањето на стратегиските цели – зацврстување на демократијата, економски развој и интеграција во евроатлантските структури. Последниве години ги одбележа процесот на прилагодување на законодавството кон легислативата на Европската унија, децентрализација на власта, реформите во одбраната потребни за членство во НАТО.
И покрај исполнувањето на сите критериуми за полноправно членство во НАТО на Самитот на Алијансата во Букурешт во април 2008 година, Република Македонија доби само условена покана за членство, откако Грција поради спорот за името го блокира приемот.
Во 2005 година Македонија доби статус на земја – кандидат за членство во ЕУ, а во 2008 и препорака од ЕК за почеток на пристапните преговори со Унијата, која беше повторена и годинава. Грција, по примерот со НАТО, ја блокира и македонската евроинтеграција, условувајќи со претходно решавање на прашањето за името.
По повод 8 Септември – Денот на независноста на Република Македонија, денеска собраниска делегација предводена од Силвана Бонева, во состав Светлана Јакимовска, Авдија Пепиќ и Соња Мираковска ќе положи венец цвеќе на споменикот „Паднати херои за Македонија” во паркот „Жена борец“. Цвеќе ќе положат и партиски, општински и граѓански делегации.
За државната награда „8-ми Септември“, која оваа година ќе се додели по четврти пат, а е поделена во две категории – за животно дело и признание за остварувања во областа на спортот, пријавени се 11 кандидати.
Еден ќе ја добие наградата за животно дело, а на четворица ќе им бидат доделени признанија. За „Животно дело“ конкурирале Венцислав Недев, Владимир Радиќ, Лазар Лечиќ и Петар Алексовски. За наградата „Признание за остварувања во областа на спортот“ конкурирале: Љупчо Стојчевски, Руждија Калач, Кирил Манев, Здравко Дејановиќ, Димче Кичевски, Ристо Магдинчев и Сашо Поповски.
Државната награда за животно дело претставува спортска пензија која ќе му се исплаќа на носителот до крајот на животот, додека останатите четири државни признанија претставуваат еднократна исплата во износ на десет просечни плати во Република Македонија.
Свеченото доделување и соопштување на носителите на државната награда за спорт ќе се одржи денеска во Собранието на Република Македонија.
По повод 8 Септември – Денот на независноста на Република Македонија, синоќа во националното Собрание, се одржа прием под покровителство на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски.
На приемот присуствуваше претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, пратеници од првиот Собраниски состав, актуелни пратеници, министри, претставници на верските заедници, на АРМ, на дипломатскиот кор и други гости од сите сфери на политичкиот, културниот, научниот и економскиот живот.