Актуелно
ЦРН БИЛАНС ОД НЕВРЕМЕТО: Околу 5 илјади семејства оштетени од обилните поплави
Околу 5 илјади семејства од 12 населени места во Скопско се оштетени од невремето во саботата.
Како што соопшти денеска државниот секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство Бесир Јашари, стручни екипи се веќе на терен и вршат проценка на штетите, за кои се уште не може да се каже колкави ќе бидат. Извесно е само дека нема да влијаат врз земјоделското производство, а луѓето навреме ќе бидат обештетени.
Според Јашари, причина за последиците од поројниот дожд не се одводните канали зашто тие, напомена, редовно се чистат, не само од Министерството за земјоделство, туку и од Министерството за животна средина и просторно планирање. Секое Министерство делува според утврдениот план и динамика во рамки на своите ингеренции.
– Причината за штетите не треба да се бара во каналската мрежа. Каналот на потегот од Гази Баба кон Арачиново е исчистен и се чисти во континуитет. Очигледно врнежите биле огромни што наведува на заклучокот дека нешто се случува и за тоа треба да се подготвуваме. Вчера излеговме на терен и почнавме со чистење на мртвиот добиток за да не се дозволи ширење на какви било зарази. Работат вкупно 11 екипи, седум од Министерството за земјоделство и уште четири од Агенцијата за храна и ветеринарство, нагласи Јашари.
Подвлекувајќи уште еднаш дека надлежните се максимално ангажирани, Јашари укажа и на потребата од зачувување на шумите зашто, како што објасни, не е исто движењето на водите кога по површината има дрва со оглед дека корените апсорбираат дел од количините.
– Сега е битно да се проценат штетите. Резултатите од проценката ќе бидат доставени до Бирото за судски вештачења, ќе се ревидираат по што ќе следува и исплатата за уништените површини и добиток. Луѓето ќе ги добијат средствата, но за жал жртвите неможат да се вратат, подвлече државниот секретар Бесир Јашари