Вести
Активирани мерките за превенција од поплави (ФОТО)
Институциите надлежни во делот на превенција и справување со поплави од денеска треба да спроведат активности согласно заклучоците од вчерашната седница на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи.
Според информациите на Управувачкиот комитет ситуацијата е најкритична во северозападниот регион на Република Македонија, но и во Пелагониската котлина, како и во градот Скопје, каде има излевање во Зелениково и кај зградата на Фондот на ПИОМ.
Значително се зголемени водостоите на реките Вардар, Црна, Треска, Сатеска, Радика, како и на реката Пчиња. Поплавувања се регистрирани во горните текови на Вардар, Црна и реката Треска и нивните помали притоки.
Во општината Јегуновце е поплавена поголема површина земјоделско земјиште. Но ако и натаму се зголемува нивото на реката Вардар, институциите констатираа дека и дел од куќите може да бидат поплавени. Исто така, во гостиварското село Форино, вчера биле поплавени дел од куќите и подрумските простории. Регистрирано е и клизиште на патот кај тетовското село Ново Село. Дел од подрумските простории во пониските делови на градот Струга биле поплавени во текот на денот, поради високото ниво на подземни води. Исто така, поплавено е и обработливо земјоделско земјиште поради излевање на реката Црн Дрим.
Во Кичево веќе е интервенирано во дел од градот, по течението на реката Зајашка. Поставен е одбранбен насип со вреќи со песок и механизација. Има и помали излевања на реката Вардар во Скопско. Со оглед на ситуацијата, овие состојби може да се променат во рок од неколку часа.
Имајќи ги предвид најавите на Управата за хидрометеоролошки работи за нови врнежи од дожд во следните 24 часа, Управувачкиот комитет за справување со кризи на денешната седница донесе неколку заклучоци:
Согласно заклучоците на Упаравувачкиот комитет Министерството за транспорт и врски, Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, АД Водостопанство на Република Македонија и Заедницата на единиците на локалната самоуправа, треба да одржат координативни состаноци со сите надлежни институции под нивна надлежност, со цел правење детален акциски план со работни активности по институции, согласно расположливите ресурси од институциите, во насока на превентивно делување за спречување на поплавите.
Се препорачува на овие координативни состаноци да се стави акцент на состојбата со речните канали на територијата на Република Македонија, посебно на подрачјата на погодените општини и доколку е потребно, да се преземат активности за итно чистење на каналите.
Дирекцијата за заштита и спасување, во соработка со општините од Полошкиот, Пелагонискиот и Скопскиот регион и регионалниот штаб за управување со кризи, треба веднаш да преземат активности за санација и расчистување на теренот каде е потребно.
Дирекцијата за заштита и спасување, исто така, веднаш треба да ги стави во функција сите водни пумпи со кои располага, со цел нивно користење и справување со настанатата ситуација на територија на општините од Полошкиот, Пелагонискиот и Скопскиот регион.
Дирекцијата за заштита и спасување, до утре, до Управувачкиот комитет треба да достави преглед за тоа со колкав број водни пумпи располага, каде во моментов се наоѓаат истите, во каква состојба се и колку лица можат да управуваат со нив.
Дирекцијата за заштита и спасување согласно склучените договори за ангажирање градежна механизација од приватни фирми, доколку оцени дека е потребно, да ја ангажира оваа механизација, согласно потребите и приоритетите на погодените општини.
Доколку институциите утврдат дека има потреба за ангажирање на силите на Армијата на Република Македонија, навремено да ги достават неопходните информации до АРМ, а Армијата да биде подготвена да одговори на барањата.
Општините во Република Македонија, согласно заклучоците, а посебно во Полошкиот, Пелагонискиот и Скопскиот регион веднаш треба да отпочнат со активностите за проценка на штетите од поплавите, преку формирање општински комисии за утврдување на настанатата штета, согласно постојните законски прописи.
АД Водостопанство на Република Македонија, уште вечерва, треба да подготви и до Управувачкиот комитет да достави план на критични точки и во текот на утрешниот ден да излезат на терен и да ја санираат состојбата.
Министерството за животна средина и просторно планирање, во соработка со Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи треба да одржат координативна средба на која Министерството за животна средина ќе ги презентира плановите за интегрирано управување со речните сливови, согласно Законот за води.
Заедницата на единиците на локалната самоуправа, заклучоците донесени на оваа седница на Управувачкиот комитет треба да ги достави до сите општини во Република Македонија, во насока на преземање неопходни мерки и активности за навремено спречување и превенција на појава од евентуални поплави.