11-ти мај – Ден на културата во сообраќајот
Препознавајќи ја потребата да се зајакне свеста за културата во сообраќајот, на 11 мај 2015 година, во Унгарија, со поддршка на Светската здравствена ореганизација, за првпат е организиран настан во чест на подигнувањето на свесноста за значењето и влијанието на сообраќајната култура врз безбедноста во сообраќајот. Овој настан прерасна во традиционална манифестација позната како „ДЕН НА КУЛТУРАТА ВО СООБРАЌАЈОТ“.
Сообраќајната култура е мошне важен елемент на безбедноста во сообраќајот и не претставува само познавање на сообраќајните правила и прописи и поседување на вештини и умеење да се управува со возило, туку истовремено претставува и навика на нивно редовно и безусловно почитување и применување. Со други зборови, сообраќајната култура претставува начин на перцепирање на односите во сообраќајот, начин на движење и однесување во сообраќајот кој треба да биде во насока на исполнување на општите и заеднички интереси на сите учесници во сообраќајот, а тоа е непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.
Сообраќајната култура е дел од општата социјална култура. Градењето сообраќајна култура е континуиран процес, кој започнува од мали нозе. Самиот процес на едукација, односно самиот процес на градење на сообраќајна култура е далеку полесен процес од процесот на промена на навиките и културата во сообраќајот. Токму затоа неопходно е да ги учиме децата на сообраќајна култура од најрана возраст. Искуството покажува дека ги учиме децата на многу работи, а недоволно ги учиме за тоа како да бидат безбедни и примерни учесници во сообраќајот.
Семејството и воспитно-образовните институции имаат важна улога во развивањето на сообраќајната култура на децата.
Односот на родителот во сообраќајот, без разлика дали е во улога на пешак или возач на возило во кое се вози и детето, како и почитувањето на сообраќајните правила од страна на возрасните, има големо влијание во развивање на сообраќајната култура на детето како учесник во сообраќајот. Бидете позитивен пример за децата во сообраќајот и на тој начин заштитете ги децата од повреди и загуби во сообраќајот, сега и во иднина.
Карактеристично во Рпублика Северна Македонија е тоа што најголем дел од учесниците во сообраќајот се единствени во ставот дека сообраќајната култура и етика не се на потребното и на посакуваното ниво, но за жал речиси сите ги бараат причините, вината и пропустите кај другите, а истовремено заборавајки дека сообраќајот е сложен систем, мозаик во кој сите ние партиципираме.
Последиците од сообраќајните незгоди се премногу сериозни и наша заедничка обврска, општ и заеднички интерес на сите граѓани, е да се издигне сообраќајната култура на повисоко ниво. Унапредување на културата, етиката и толеранцијата во сообраќајот значително ќе придонесе за побезбеден и посмирен сообраќај, односно ќе придонесе за помалку сообраќајни незгоди, помал сообраќаен метеж и помалку настрадани лица на улиците и патиштата.
- Сообраќајна култура значи да се однесувате во сообраќајот водени од мотото дека:
- Секој има право да се движи безбедно во сообраќајот и секој има обврска да
придонесува за подобрување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. - Сообраќајните правила и прописи важат за сите и сите се должни максимално, целосно
и безусловно да ги почитуваат. - Сообраќајните правила и прописи постојат за да не заштитат сите нас.
- Децата се нашето богатство, децата се наша иднина! Да ги зачуваме децата од повреди
и загуби во сообраќајот!
По повод 11-ти Мај- Ден на културата во сообраќајот, РСБСП со апел: „Да ја унапредиме културата во сообраќајот, да ги промениме лошите навики во сообраќајот почнувајки секој од самиот себе и преку личен пример и позитивен придонес да дадеме поддршка за побезбеден сообраќај. Бидете внимателни, одговорни, културни и толерантени учесници во сообраќајот, денес и секој друг ден!