Биди срцевина, биди херој! – акција за зголемување на бројот на донатори на матични клетки (ФОТО)
Под мотото „Биди срцевина, биди херој“ за време на најголемиот спортски настан во земјава Скопскиот маратон, од ЈЗУ Клиника за хематологија – Скопје успеаја да мотивираат 103 доброволци кои се подготвени да даруваат коскена срцевина.
Целта на оваа акција, поддржана од Министерството за здравство, е преку хуманост и преку донирање крв да се зголеми бројот на дарители и да се подигне свеста за важноста од донацијата на коскена срцевина.
Министерот за здравство Венко Филипче, кој воедно се запиша во регистарот на дарители изјави дека е многу важна солидарноста како и можноста секој кој може да спаси човечки живот.
“Фокусирани сме на многу важни сегменти во здравствениот систем. Особено сум горд на успесите во последните три години, кога со кадаверичната трансплантација на органи и трансплантирањето на коскена срцевина од несроден дарител спасивме многу животи. Преку трчањето на Скопскиот маратон, симболично го потенциравме значењето на донирањето. Им благодарам на сите кои ја поддржаа оваа акција, како и на сите кои се пријавија во Националниот регистар на донори, тие се вистинските херои на ова време”, вели министерот за здравство Венко Филипче.
Од клиниката за Хематологија, велат дека акција поминала и подобро од очекувањата.
Лекарите изразија голема благодарност до граѓаните кои станаа нечии херои и се подготвени да спасат живот со дарување коскена срцевина.
Со зголемување на бројот на доброволни дарители во Дарителскиот регистар за коскена срцевина се зголемуваат и шансите за пронаоѓање на соодветен дарител за пациентите за кои единствен спас е трансплантација на матични клетки.
“Не мора да сте во добра кондиција и да истрчате 5 километри, но можете да бидете храбар и да се запишете се во регистарот на Институтот за имунологија. Треба само да оставете една епрувета крв која ќе се типизира и потоа влегувате во софтверски систем како потенцијален дарител на коскена срцевина, која за многу хематолошки болести е единствен лек. Дарувањето коскена срцевина е комплетно сигурна процедура која може да спаси човечки живот.”, изјави директорката на Клиниката за хематологија д-р Ирина Пановска-Ставридис.
Од 2018 година во нашата земја трансплатациите на органи, ткива и клетки се рутински методи за лекување на тешките витално загрозени пациенти. Во 2018 за прв пат во нашата држава беше направена прва несродна трансплантација на матични хематопетски клетки, во мај 2020 зачука првото трансплантирано срце, 2021 се воведоа трансплантациите на коскено ткиво од починат донор. Нашето јавно здравсто нуди стандардизирана услуга, рамо до рамо со светските центри.