Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

д-р Афродита Шаља: „Потребни се многубројни партнерства во напорите за борба против родово базираното насилство“

Актуелно

д-р Афродита Шаља: „Потребни се многубројни партнерства во напорите за борба против родово базираното насилство“

Секој од нас треба да биде гласот на промената и да одговори на повикот за колективно учество, трансформирање од пасивното прифаќање кон градење општество без штетни социјални норми и без насилство.

Обединетите нации во Северна Македонија, во партнерство со Делегацијата на Европската Унија и ОБСЕ во Скопје, со учество на многубројни меѓународни и национални партнери и годинава активно се вклучија во кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“ што започна на 25 ноември, Меѓународниот ден за елиминација на насилството против жените и девојчињата, и трае до 10 декември – Меѓународниот ден на човековите права.

Целта на кампањата е да создаде обединувачка платформа каде што секој ќе може да се идентификува со заедничката цел и ќе се бори за ставање крај на насилството против жените и девојчињата. Годинава глобалната тема е „Инвестирајте за да го спречите насилството врз жените и девојчињата“.

Родово базираното насилство е кршење на човековите права. Ако околу половина од населението се жени и ако во нашата држава околу половина од девојчињата и од жените на возраст од 15 до 49 години биле предмет на некаков вид насилство, тогаш е јасно колку ова прашање е сериозно и значајно. А ова се само бројки! Што значат тие бројки и какви последици насилството остава врз жените, децата, семејствата и врз општеството, многу тешко може да се измери или да се квантифицирa.

Дополнително, во изминатите години со развојот на технологијата и со користењето на социјалните мрежи и интернет-медиуми, се создава  нова платформа и простор за различни типови насилство од она „традиционалното“, физичко насилство, кое зема голем замав и ги зафаќа сите категории население, млади, жени, стари лица. На глобално ниво анализите покажуваат дека 85 проценти од жените на светско ниво пријавиле дека посведочиле онлајн насилство, а 40 проценти дека лично биле жртви на таков вид насилство.

Силните патријархални норми со нееднаква моќ помеѓу мажите и жените, во голема мера придонесуваат до ваквата состојба. Сепак, ова во ниту еден момент не нè обесхрабрува туку напротив, нè мотивира да продолжиме да работиме уште попосветено кон зајакнување на свеста и препознавање што ќе доведе до пријавување на насилството. Сето ова можеме и мораме да го правиме сите заедно, со заедничко дејствување и препознавање на родово базираното насилство врз жените, како насилство насочено против жената затоа што е жена, или кое несразмерно ја погодува. Родово базираното насилство врз жените ги опфаќа причините и резултатот од нееднаквиот однос на моќта помеѓу жените и мажите и е резултат на општествен, а не на индивидуален проблем.

Исклучително е важно во напорите за борба против родово базираното насилство да имаме силни партнерства. УНФПА, заедно со другите агенции на Обединетите нации, работи на оваа значајна тема преку поддршка и соработка со одговорните институции на државата, граѓанскиот сектор, меѓународните организации, академијата, приватниот сектор, медиумите – почнувајќи од развојните проекти, преку програми фокусирани на родовата еднаквост и искоренување на родово базираното насилство.

Секој има своја улога и одговорност и неа треба да ја понесе. Унапредувањето на родовата еднаквост, преку пристап до сексуално и репродуктивно здравје и права, право на безбедност и живот без насилство, подобрено образование, соодветни политики на работното место, ќе резултира со поздрави семејства, посилни економии и поотпорни општества.

Секако, проблемот со родово базираното насилство е комплексен и не може едноставно и веднаш да се реши. Тој постои одамна и насекаде на глобално ниво и ги трансендира географските, културните и социо-економските граници. Меѓутоа, тоа не значи дека борбата треба да запре и дека не се постигнати значителни промени во изминатите години.

Потребно е вложување пред сè во човечки и материјални ресурси, со што ќе покажеме дека оваа тема е високо на агендата. Тука е вложувањето од јавниот сектор, но и од приватниот, особено долгорочна поддршка на граѓанските организации. Треба да им овозможиме на жените што преживеале насилство да се вклучат во пазарот на трудот и да постигнат економска независност и безбедност како клуч што води кон излез од кругот на насилство. Секој од нас треба да биде гласот на промената и да одговори на повикот за колективно учество, трансформирање на пасивното прифаќање кон градење општество без штетни социјални норми и без насилство.

Уште поитна е потребата за обединување ресурси и напори не само во Северна Македонија туку и регионално и глобално, со цел спречување на дигиталното насилство. Тоа насилство не познава граници, а дигиталните платформи е потребно да обезбедат транспарентна заштита и свест на корисниците за своите права, да им дадат на корисниците право на избор кои содржини ќе ги гледаат и како ќе се користат нивните податоци.

16 дена не се доволни, борбата против оваа штетна практика се протега надвор од ваквата временска рамка, таа е секој ден, секаде и од секого. Сепак, повеќе од кога било, овие денови се катализатор да инспирираат конкретни чекори кон ставање крај на родово базираното насилство.

Авторка на текстот е д-р Афродита Шаља, шефица на канцеларијата на Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА во Северна Македонија.

Повеќе од Актуелно

Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.