Актуелно
Десет студентски тимови ќе креираат решенија за намалување на сивата економија во е-трговија
Пандемијата придонесе за забрзување на растот на е-трговијата, но покрај растот на продажбите кај регистрираните е-трговци се зголеми и бројот на нерегистрирани субјекти кои целата своја дејност ја обавуваат преку социјалните медиуми.
Овие субјекти нудат најразлични производи, без издавање на сметка/фактура или можност за враќање и изразување на незадоволството доколку купувачот не го добил она што му било ветено. Купувачите, во услови кога не добиле потврда за купувањето немаат можност да бидат заштитени како потрошувачи и да бидат заштитени согласно закон од наделжните институции.
За да придонесе за раст и развој на е-трговијата, во која сивата економија и нелојалната конкуренција се пречка, АЕТМ, во соработка со Економскиот Факултет – Скопје и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ, го организира првиот онлајн хакатон за намалување на сивата економија во е-трговија насловен “Хакирај ја сивата економија во е-трговија”.
„Неизмерно сме среќни што организираме еден ваков настан во време на ескпанзија на е-трговијата и на сивата економија во неа, наменет за младите креативни умови кои се иднината на нашата земја. Благодарни сме им на сите партнери и поддржувачи што го препознаа потенцијалот на хакатонот и ја поддржаа неговата организација. Само со холистички пристап на сите засегнати страни може да се „хакира” сивата економија во е-трговијата, која што директно ни штети на сите нас. Веруваме во креативноста на студентите-учесници на овој хакатон и сигурни сме дека од тука ќе произлезат навистина корисни и уникатни идеи кои ќе придонесат за намалување на сивата економија.”, велат од АЕТМ.
Десетте студентски тимови викендов ќе работат на креирање на решенија за намалување на сивата екоонмија преку две категории: „Едуцирај и мотивирај“ и „Детектирај и сузбиј“. Студентите од категоријата “Едуцирај и мотивирај“, ќе треба да развиваат креативни решенија за подигнување на свеста од штетните последици од сивата економија и ќе едуцираат и информираат за нејзино одбегнување, додека пак студентските тимови кои ќе работат во категоријата “Детектирај и сузбиј“ ќе треба да развиваат концепт за решение кое ќе помогне полесно да се лоцираат активностите кои се дел од сивата економија и ќе делуваат корективно, со вклучување на граѓаните и онлајн купувачите во процесот на сузбивање на сивата економија.
Студентите при развој на своите идеи ќе бидат менторирани од искусни претставници во областите на е-трговија, маркетинг, ИТ и сива економија кои доаѓаат од приватниот сектор, но и од државните институциите како Царинска управа и УЈП, кои имаат значајна улога во борбата против сивата економија.
Инаку, за победничките решенија на студетските тимови обезбеден е награден фонд од вкупно 3000 евра за понатамошен развој на идеите, а решенијата ќе бидат оценувани од стручна комисија за евалуација.