Актуелно
Македонските агро производители ќе добијат поддршка за пласирање на своите производи на домашните е-продавници
Македонските агро производители ќе добијат можност бесплатно да ги усовршат нивните дигитални вештини, но и да научат како подобро да ги пласираат своите производи на домашните веб платформи за е-трговија, преку јавниот повик кој го објави Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.
Оваа активност е дел од иницијативата „Agri E-commerce” којa е поддржанa од Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ), финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка, а се спроведува од страна на АЕТМ.
Целта на јавниот повик е поддршка на локалните агро производители кои сакаат да ги пласираат своите производи надвор од својата локална околина и сакаат да започнат со нивна продажба со помош на е-трговијата. Со овој повик, Асоцијацијата за е-трговија на Македонија се вклучува во напорите за подигнување на свеста за бенефитите од е-трговијата и зголемување на понудата за е-трговијата во нашата земја.
– „Нашата цел е да мотивираме повеќе агро производители да ги зголемат своите дигитални вештини и да ја искористат е-трговијата како дополнителен продажен канал на своите производи, кој ќе им овозможи да ја зголемат својата продажба и дигитално присуство.“ – велат од АЕТМ.
Јавниот повик е отворен за сите агро производители кои сакаат да ги пласираат своите производи на најпознатите домашни веб платформи за е-трговија, се регистрирани согласно законите во РСМ и ги исполнуваат условите објавени на веб страницата на Асоцијацијата – https://ecommerce.mk/agri-ecommerce/
Одбраните апликанти треба активно да ги следат обуките за развој на дигиталните вештини во времетрање од еден месец, како и насоките на тимот на АЕТМ кој ќе ги води низ процесот за поврзување со домашните платформи за е-трговија.
Аплицирањето на јавниот повик, кое се одвива онлајн на веб страницата на АЕТМ, трае до 20 октомври, по што ќе следи евалуацијата на апликациите од страна на комисија составена од експерти во областа.