МАЛМЕД: Во Македонија до сега не е регистриран случај на миокардитис по примена мРНА вакцина
Поголем број млади мажи на возраст до 30 години пријавиле воспаленија на срцевиот мускул по примањето на втората доза на мРНА вакцината против ковид-19 од „Фајзер/ БионТех“ и „Модерна“, велат податоците на израелското Министерство за здравство и американскиот Центар за контрола и превенција на болести.
Тие како можна причина за оваа медицинска состојба кај помладите мажи го поврзуваат вакцинирањето со вакцината „Фајзер“ против ковид-19.
Откако овие податоци изглегоа во јавноста, голем број на млади луѓе ширум светот, особено оние кои ја очекуваат втората доза од мРНА вакцината се загрижени поради ова ново откритие.
Сепак, во Македонија, до сега не е забележана ваква реакција од вакцината, смируваат од Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД на поставеното новинарско прашање на „Популарно.мк“.
– „Во периодот од 17.02.2021 до 16.06.2021 година до Агенцијата за лекови и медицински средства се пристигнати околу 130 пријави на сомнеж за несакани реакции од вакцини против КОВИД 19 по спроведена вакцинација на 263,083 лица во нашата земја.Досега не е пријавена несакана реакција воспаление на срцевиот мускул (миокардитис) кај лица кои примиле мРНА вакција протид Ковид-19.“ – изјави д-р. спец. Искра Печијарева Садикаријо за нашиот портал.
Како што додава д-р Печирајева Садикаријо, сите досега пријавени несакани реакции биле опишани во упатствата за употреба на вакцините.
– „Најчесто се пријавени несакани реакции со лесна симптоматологија како болка и оток на местото на апликација, покачена телесна температура, главоболка, болка во мускули и малаксаност.“ – додава таа.
Инаку, американскиот ЦДЦ соопшти дека во текот на оваа недела ќе одржи состанок на Советодавниот одбор за имунизација за дополнително анализирање на доказите и за проценка на ризикот од миокардитисот по вакцинирањето со вакцините мРНА против ковид-19.
Од „Фајзер“ соопштија дека ја поддржуваат анализата на ЦДЦ, но и нагласија дека бројот на случаи е мошне мал, со оглед на тоа колку дози на вакцината се употребени. Околу 130 милиони луѓе во САД ги примија двете дози на една од мРНА вакцините.