Актуелно
МАСИТ успешно jа реализираше 18-тата годишна конференција
Денес се одржа 18-тата конференција на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ со темата – “Building bridges towards our common digital future” а под мотото #DigitalUnited.
Поттикнати од потребата и аспирациите на македонските компании да станат поконкурентни на македонскиот, но и европскиот па и глобалниот пазар, како и од прогресивни извозни волумени на ИКТ индустријата, ИКТ Комората МАСИТ панелите и дискусиите ги насочи кон една особено значајна и многу актуелна тема: дигитализација.
На овој централен и најважен настан на МАСИТ во фокусот се ставени најновите трендови, иновации и практични совети од водечките експерти во индустријата.
Овогодишната конференција беше исполнета со квалитетна програма, говорници и гости од сите засегнати страни на едно место. Се зборуваше за дигитализација и дигитална трансформација на процесите, за важноста на градење лидери кои ќе предводат во процесот на јакнење на национални и регионални капацитети во делот на сајбер отпорност и сајбер безбедност, со презентации на иновативни теми, трендови и решенија кои се достапни на пазарот од страна на ИКТ компаниите, споделување на искуства и добри пракси на тема дигитализација од страна на еминентни експерти од земјава и странство. На панел дискусија, не-ИТ компании раскажаа за дигиталната еволуција на македонскиот бизнис, споделија инспиративни успешни приказни и раскажаа свои лични и деловни искуства на патот на нивната дигитална трансформација.
Според заклучоците од дискусиите, дигитализацијата и дигиталната трансформација во сите аспекти на општеството, мора да лежат во срцето на сите деловни процеси.
Конференцијата ја отвори Ада – дигиталната асистентка на Владата на РСМ, а ја водеше Адам, колега на Ада од приватниот сектор.
Со поздравно обраќање конференцијата, прв се обрати Претседателот на Република Северна Македонија, г-дин Стево Пендаровски, а свое поздраво обраќање упатија и Вицепремиерот за економски прашања, г-дин Фатмир Битиќи, Министерот за информатичко општество и администрација, г-дин Азир Алиу, Претседателката на Собранието на МАСИТ, г-ѓа Анета Пешева, Претседател на Управен одбор на МАСИТ, г-дин Илија Господинов со свое видео обраќање, а публиката беше поздравена и од г-ѓа Емилија Спировска, Член на Управен одбор на ПроКредит Банка и г-дин Газменд Абдија, Директор на Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот.
Настанот беше исполнет со многу интересни и иновативни содржини, конференцијата беше водена од страна на виртуелен водител подготвен специјално за овој настан, а главните почесни гости, г-дин Александер Рисој и д-р Благој Делипетрев, оставија силен печат со своите излагања на најактуелните теми. На конференцијата присуствуваa повеќе од 200 претставници од домашните и странските ИКТ компании и компании од други сектори, како и претставници од државни институции и министерства, претставници на донаторската и меѓународна дипломатска заедница, академски претставници од ИКТ научната област медиуми и други.
Конференцијата беше организирана од страна на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ во партнерство со ПроКредит Банка, а со поддршка на Пиксел, УСАИД и Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот. Златен спонзор на ова издание на конференцијата е Автонова со брендот Цитроен, а исто така, со своја поддршка учествуваа ИМЕ – Проектот за зголемување на пазарната вработливост финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка, а имплементиран од страна на Паладиум. Конференцијата е спонзорирана и поддржана од: Телеом, Мак-Систем, Сивус едукативен и развоен центар, НЕББ, АСЕЕ Група, Кодвел, Триглав осигурување живот АД, Тиквеш, М6, Дигитал Офис – Инбокс, Маранд консултанти, Контего, Бизнис Мрежа, Дабл Три Хилтон и ДАИ.