Од утре нема маски на отворено, се укинува работата од дома, а полицискиот час останува на сила
Владата на РСМ на утрешната владина седница треба да го даде финалниот амин на одлуката на Кризниот штаб, кој денеска ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести, според кои веќе не мора да се носи маска на отворено, се дозволува организирање свадби, се препорачува укинување на мерката за работа од далечина.
Главниот координативен кризен штаб на Владата на денешниот состанок ги разгледал и ги потврдил препораките на Комисијата за заразни болести за олабавување на мерките за заштита од ковид-19 и ги предлага на конечно усвојување на утрешната владина седница.
На состанокот на Главниот кризен штаб се усвоени седум предлози до Владата во однос на олабавување на рестрикциите.
По исцрпната дискусија и имајќи ја предвид поволната моментална епидемиолошка состојба со ковид-19 во државата, која се карактеризира со намалување на 14-дневната инциденца на позитивни случаи и на позитивни тестови за ковид-19 во однос на вкупниот број тестирани лица, како и со намалување на бројот на активни случаи и бројот на хоспитализации, по препорака на Комисијата за заразни болести, беа донесени препораки за олабавување на мерките, почнувајќи од 1 јуни 2021 година“, информираат од Владата.
1. Укинување на мерката носење на заштитна маска на отворено со препорака за носење на маска кога лицата се во поголема група. Останува на важност мерката за задолжително носењето на заштитна маска во јавен превоз, такси превоз и во сите затворени простори.
2. Да се дозволи присуство на публика на спортски натпревари кои се одржуваат на отворено до 30 проценти, од вкупниот капацитет на посетители, со задолжително почитување на растојание помеѓу посетителите од 1,5- 2 м (три седишта) и со доследно применување на мерките за заштита од КОВИД-19.
3. Се укинува мерката за забрана за групирање на јавен простор на не повеќе од 4 лица.
4. Да се дозволи организирање на свадби, прослави, веселби на отворен простор/летни тераси до максимум 100 лица, но не повеќе од 50 проценти од капацитетот на просторот и до максимум шест лица на маса со обезбедување на препорачаната дистанца помеѓу лицата. Присуство на музичари е дозволено само при организирање на свадби, а согласно соодветен протокол.
5. Се зголемува бројот на лица на една маса во угостителските објекти од четири лица на шест лица со обезбедување на препорачаната дистанца помеѓу лицата на масата.
6. Се препорачува укинување на мерката за работа во смени и од далечина (член 3 т. 14 од Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест КОВИД-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2,случаите и временскиот период на нивна примена („Сл.В.РСМ“ бр.263/20),
7. Продолжува да важи мерката за полициски час до 15.06.2021 година.