Актуелно
Пет заклучоци од 7. Регионална конференција за е-трговија – “E-commerce: Untangling Potential”
На 12-ти ноември 2024 година во Скопје се одржа 7. Регионална конференција за е-трговија која повторно ја потврди својата позиција како најголем настан за дигиталната економија во регионот. Под темата “E-commerce: Untangling Potential”, конференцијата собра повеќе од 700 учесници и 30 говорници, кои споделија знаење, искуства и иновации на теми кои ги обликуваат трендовите во е-трговијата. Покрај инспиративните говори и панел-дискусии, учесниците имаа можност да се вмрежуваат и да ги споделат своите искуства, создавајќи нови можности за соработка.
Во продолжение, ги претставуваме петте клучни заклучоци од овогодинешната конференција:
1. Е-трговијата во Западен Балкан: Потенцијалот за раст е голем, но постојат бројни предизвици
Сите земји од Западен Балкан се мали пазари сами за себе, но регионот заедно има значаен потецијал за е-трговија. Сепак, подготвеноста за да се искористи тој потенцијал е сè уште на ниско ниво. Токму ова беше во фокусот на овогодинешната анализа беа во фокусот на овогодинешната анализа, која традиционално беше презентирана ексклузивно на конференцијата. Претседателката на Асоцијацијата за е-трговија на Северна Македонија и ко-автор на извештајот, Нина Ангеловска Станков, ги презентираше клучните сознанија од анализата со наслов „Преглед на е-трговијата во Западен Балкан, 2024 година”, подготвена со поддршка на NLB Group. Оваа година, извештајот се прошири од локалниот фокус на Северна Македонија за да ги опфати сите земји од Западен Балкан, вклучувајќи ги Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија. Во својата презентација, Ангеловска потенцираше дека и покрај значителниот раст на е-трговијата во земјите од Западен Балкан, тие сè уште заостануваат зад земјите од Европа. Србија е најразвиениот пазар со 65%, а по неа Северна Македонија со 54% од интернет корисниците кои купуваат онлајн, но се под просекот на Европската унија. И покрај импресивниот раст во однос нa 2017 година од 380% во Албанија и 98.1% во Црна Гора, овие земји остануваат на дното во Европа според учеството во онлајн купувањето. Како главни предизвици мапирани со анализата на последни релевантни секундарни податоци, но и од спроведената анкета се: ниските дигитални вештини, доминацијата на готовинските плаќања, ограничената употреба на картички, и нелојалната конкуренција предизвикана од нелегални е-трговци, како и недоволно развиена испорака.
2. Испорака и логистика: Клучен предизвик за отклучување на потенцијалот на е-трговијата дома и во регионот
Испораката не е само логистичка алка – таа е мостот што го поврзува растот на е-трговијата со задоволството на е-купувачите. За жал, испораката останува клучен предизвик за раст на е-трговијата во Западен Балкан. Иако според Интегрираниот индекс за поштенски развој (2IPD), Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина бележат напредок во поштенскиот развој, Северна Македонија и Србија покажуваат пад, што ја нагласува потребата за модернизација на поштенските бизнис модели и оптимизација на системите. Брзината и ефикасноста на доставата се од критично значење – дури 1% подобрување во брзината може да ја зголеми стапката на конверзија кај е-продавниците за 1.6%.
На панел дискусијата за логистика и достава, говорниците ја истакнаа потребата и важноста на иновативните решенија како што се OoH (out-of-home) методи за достава, кои овозможуваат подобрено корисничко искуство, како и зголемување на ефикасноста на доставата и минимизирање на оперативните проблеми со помош на иновативни технологии. Дополнително, беше нагласен и недостигот на стручен кадар кој претставува значаен предизвик, што бара вложување во обуки и развој на работната сила.
Од друга стана пак, говорникот од ZEOS by Zalando ги презентираше најновите логистички трендови во Европа, истакнувајќи ја комплексноста на европскиот пазар, кој се состои од 40 земји, 30 јазици и различни методи на плаќање и достава. Локалните преференции значително варираат: германските купувачи сакаат достава дома, полските претпочитаат шкафчиња за подигнување на нарачките, а чешките купувачи често плаќаат со готовина при испорака. Тој нагласи и важноста на локализацијата на услугите за постигнување на глобален успех.
3. Е-Плаќања: Постои голем потенцијал за интеграција на нови опции за плаќање и надминување на ограничените начини на плаќање
Плаќањето со готовина при испорака останува доминантен метод на плаќање, и покрај тоа што 63% од е-трговците го сметаат плаќањето со платежна картичка за најекономична опција. На панелот посветен на плаќањата, говорниците дискутираа за значењето на новите опции за безготовински е-плаќања како што се „Pay by Link“, „Buy Now, Pay Later“ и „SoftPOS“, кои ја модернизираат е-трговијата во регионот. Посебно внимание беше посветено на растот на користењето на дигитални плаќања и на потребата од едукација на потрошувачите за новите методи на плаќање. Панелистите истакнаа дека промоцијата на безготовински плаќања преку кампањи и стимулирање на потрошувачите може значително да го забрза процесот на дигитализација на плаќањата. Исто така, беше нагласено дека поголема дигитална интеграција и развој на нови опции, како што се Smart POS решенија, плаќање на рати и дигитални електронски паричници, ќе играат клучна улога во иднината на е-трговијата. Забрзувањето на прифаќањето на картични плаќања преку стратешки кампањи и соработки со е-трговците, како и поедноставувањето на процесот преку решенија како Express Checkout, се неопходни за намалување на напуштањето на кошничките при онлајн купување и за зголемување на задоволството на потрошувачите.
Говорникот од Klarna пак, нагласи дека повеќе опции за плаќање можат да помогнат во зголемувањето на конверзијата на е-купувачите, а клучот за задоволство и лојалност на купувачите лежи во креирањето на персонализирани искуства.
4. Потенцијалот на прекуграничната е-трговија во Западен Балкан е се уште заплеткан и недоволно искористен
Кога се зборува за прекугранична е-трговија, дискусијата често е насочена кон предизвиците, но на овогодинешната конференција вниманието беше насочено кон решенијата и позитивниот моментум во оваа област. Говорникот од GymBeam презентираше студија на случај за продавање прекугранично во Западен Балкан, нагласувајќи дека успехот зависи од прилагодувањето на различните пазари. За успешна прекугранична е-трговија, бизнисите треба да направат локализација на содржините, јазикот, да ги разберат навиките и преференциите на потрошувачите, да бидат усогласени со локалните регулативи, да инвестираат во сигурни логистички партнери и да понудат локализиран маркетинг и поддршка, вклучувајќи повеќејазична услуга и локални контактни броеви.
Дополнително, за време на панел дискусијата посветена на прекуграничната е-трговија се дискутираше за неискористениот потенцијал на прекуграничната е-трговија на Западен Балкан, а беа истакнати неколку иницијативи како клучни за надминување на бариерите и поттикнување на растот во регионалниот екосистем за е-трговија. Тие вклучуваат царинска обработка на пратките пред пристигнување, препознавање на овластени економски оператори (ОЕО), напредок во царинската автоматизација и дигитализација, кои се реализираат од страна на Царинската Управа на Република Северна Македонија. Дополнително, беа истакнати и регионалните иницијативи како што се регионалната Алијанса за е-трговија – Balkan eCommerce Alliance, регионалната веб платформата за е-трговија ecommerce4all.eu, кои се реализирани од страна на асоцијациите за е-трговија од регионот, предводени од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија и кои имаат за цел да влијаат во унапредување на прекуграничната е-трговија во регионот.
Централната порака е јасна: иако регионот сè уште се соочува со пречки, сепак постигнува напредок. Засегнатите страни можат колективно да го придвижат Западен Балкан во успешна прекугранична е-трговија преку фокус на акциски стратегии и успешни приказни. Дискусијата ја истакна важноста на регионалната соработка за решавање на постоечките предизвици како што се подобрување на царинските процеси и оптимизација на инфраструктурата за отклучување на огромниот потенцијал на трговијата без граници за бизнисите и за потрошувачите. За да се постигне успех во прекуграничната е-трговија, беше нагласена и важноста од имплементација на стандардизирани процеси и стратешки пристап во справувањето со предизвиците на регионално ниво.
5. Потребно е бизнисите да го отклучат потенцијалот на персонализацијата и автоматизацијата со користење на алтернативни канали за комуникација и алатки со вештачка интелигенција
Потрошувачите денес очекуваат персонализирано искуство и е-трговците треба да ги користат сите алатки на располагање за да го задоволат овој тренд. Дискусијата за маркетинг стратегии го истакна значењето на алтернативните канали за комуникација, кои не вклучуваат социјални медиуми и кои се сѐ попопуларни во е-трговијата. Панелистите беа едногласни дека автоматизацијата на маркетингот, употребата на различни канали за комуникација како е-маил маркетинг, односи со јавност и SEO, како и оптимизацијата на процесите преку персонализирани препораки се клучни за градење на долгорочни односи со купувачите. Примерите од агрегаторот за цени ePonuda и алатката за автоматизација на маркетинг и продажба – SalesSnap покажаа како нивната употреба може значително да го зголеми дофатот на пазарот и придонесе кон подобри резултати.
Од друга страна пак, говорничката од OpenAI сподели како бизнисите со е-трговија можат да ги трансформираат своите операции и искуството на купувачите преку користење на разчични алатки со вештачката интелигенција и автоматизација. Говорничката од TikTok сподели лекции од Тему, Алибаба и ТикТок за моделот за препораки за е-трговија, кој значително влијае на нивниот раст. Таа исто така препорача користење на алатки со вештачка интелигенција и машинско учење за експлозивен раст на бизнисите.
Како заклучок, може да се каже дека е-трговијата станува сè поконкурентна, а успешните компании се оние што успеваат да ги интегрираат најновите технологии и трендови за персонализација, автоматизација и мултиканална комуникација во нивното работење. Користењето на вештачка интелигенција и алатки за автоматизација, како и иновациите од глобалните лидери во е-трговијата, можат да помогнат бизнисите да создадат долгорочна лојалност кај купувачите. Инвестицијата во овие стратегии не е само опција, туку и неопходност за ефикасно прилагодување кон барањата на современите потрошувачи.
Седмата Регионална конференција за е-трговија потврди дека е-трговијата во Западен Балкан има огромен потенцијал за раст, но исто така и бројни предизвици кои треба да се надминат преку иновации и регионална соработка. Инвестирањето во логистика, модернизацијата на платните решенија и развојот на маркетинг стратегиите ќе бидат клучни фактори за постигнување на успешен напредок во е-трговијата. Регионалните партнерства и зголемената дигитална подготвеност ќе го придвижат секторот напред, помагајќи во отворањето на нови можности за е-трговците дома и во регионот.