Актуелно
Продукциски вредности – како да развиваме филмски туризам?
Вчера беше одржан првиот, од серијата на три оnline настани насловени како Продукциски вредности: Туризмот низ објектив, во реализација на ОХО, а поддржани од Град Скопје.
Како релативно нова дисциплина во туризмот, т.н екран-туризам останува неистражен и неексплоатиран во Македонија и регионот. Главниот град и неговите природни околини, а и атрактивни предели низ државата имаат неограничен, неотклучен потенцијал за развој на овој тип на туризам. Истово, уште повеќе, важи и кога се зборува за други локации низ земјата, а особено за природни убавини и воодушевувачки екстериери насекаде низ Македонија.
Воведни гледишта и споделување на знаења и искуства од двете области – туризам и филмска продукција, ги направија Катерина Василевска и Јасминка Поповска од Genuine Experiences – активистки и искусни туристички работници.
Љубица Ангелкова – новинар, специјалист за медиумски комуникации и ПР, преку примери зборуваше како креативните индустрии се допинг кој создава креативна економија низ многу точки на светот, заклучувајќи како филмот и во Македонија може да биде во служба на сериозно брендирање на дестинации, а не само на ад хок посети.
Кога зборуваме за потенцијали од филмски туризам, само да потсетиме, филмот „Врба“ на Милчо Манчевски со Мариово и Трескавец во Прилепската област беше меѓу петте финалисти за наградата Најдобра филмска локација во Европа. Оваа награда ја доделува Европската мрежа на филмски комисии (EUFCN), а Прилепската област каде што се снимаше „Врба“ влезе меѓу топ 5 во конкуренција со локации од 28 земји.
Регина Икономова – координатор за туризам, спорт, култура и други општествени дејности при Центар за развој на Скопски плански регион на вчерашната дебата ја раскажа својата сторија како автор на авантуристичката доку-драма „Брод со бисер“ и колку такви продукти можат да помогнат во зголемување на бројот на туристи.
Локацијата е апсолутно лик во секоја добра филмска приказна и има своја динамика за тоа како употребата на локациите се доживува од публиката.
Богдан Јончевски, филмски работник, скаут и location manager, кој меѓу другото работел и на низа познати македонски филмови низ доскусијата се осврна на сопствените искуства на терен, на можностите но и на одговорностите кои филмските екипи треба да ги имаат кон екологијата и не уништувањето на локациите. Филмот •Стела• беше нотиран како добар пример на одговорна продукција.
На 10 и 12 ноември ќе се одржат уште две трибини, каде сите засегнати страни и општествени чинители ќе учествуваат во разговори на темата, ќе испитуваат успешни примери од непосредниот регион, а ќе се обидат да дадат одговори и на многу прашања од истоимената област.