Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Регионален натпревар во пливање на спортиси со интелектуална попреченост во СЦ „Борис Трајковски“

Актуелно

Регионален натпревар во пливање на спортиси со интелектуална попреченост во СЦ „Борис Трајковски“

Поттикнувањето на младите луѓе да се вклучат во конструктивни наративи, зајакнување на меѓукултурниот дијалог, инклузијата и родовата еднаквост е најважно за градење на меѓусебното разбирање и доверба меѓу младите во регионот.

Ова беше заклучено на денешната прес-конференција во Europe House во Скопје, во организација на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) во Северна Македонија, во соработка со Специјалната Олимпијада, со поддршка на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија и постојаниот координатор на ОН во Северна Македонија, на која официјално се најави одржувањето на Регионалниот натпревар во пливање за спортисти со интелектуална попреченост.

Спортскиот настан е организиран во рамките на проектот на ОН „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“ и ќе се одржи од 5 до 7 април 2024 година, на базенот во СЦ Борис Трајковски во Скопје.

Целта на настанот е да промовира свест за инклузија, еднакви можности за сите и регионална соработка меѓу младите преку спортот, како основа за градење заеднички вредности и иднина. Овој натпревар обезбедува платформа на младите спортисти да ги покажат своите таленти и да ја прослават различноста преку спорт и пријателство.

На прес-конференцијата говорниците ги споделија своите заложби и важноста од силна поддршка на ваквите иницијативи.

Амбасадорот на Европска Унија во Северна Македонија, Дејвид Гир, истакна: „Овој регионален пливачки натпревар ги обединува пливачите со интелектуална попреченост, за да ги покажат своите вештини и да ја прослават различноста. Настаните како овој ја потврдуваат нашата заедничка посветеност за рушење на бариерите и создавање поинклузивно општество – каде што секој поединец е ценет и каде што сите таленти се целосно искористени. Пред сè тоа е повод за забава и за учесниците и за поддржувачите“.

За Росана Дуџак, постојан координатор на ОН во Северна Македонија, светот на спортот е многу повеќе од постигнатите резултати.

„Тоа е најдобрата функционална платформа за зближување на луѓе од различни етнички групи, нации, култури, религии и можности“, вели Дуџак. „Ова е нешто што мора повеќе да биде ценето и поздравено, бидејќи е витален механизам за уривање на постоечките бариери меѓу различните групи, без оглед на причината за разликата меѓу нив. Во тој дух, неизмерно сум горда што сум денес овде и што можам да го најавам овој прв од ваков вид Регионален натпревар во пливање што се организира како дел од проектот Млади за инклузија, еднаквост и доверба, финансиран од Фондот на ОН за градење мир.”

Џон Кенеди Мосоти, директорот на УНФПА за Северна Македонија, ја истакна целта на иницијативата да ги засили гласовите и аспирациите на младите луѓе од Западен Балкан. „Нашата цел е да обезбедиме платформа за ангажман, да ги обединиме младите од различно потекло, да поттикнуваме комуникација и размена преку спорт, култура, граѓанско образование и проекти во заедницата“, изјави Кенеди Мосоти, нагласувајќи ги позитивните наративи за постигнување кохезија.

Матео Секи, спортски менаџер на Специјалната Олимпијада Европа Евроазија, изрази благодарност за добиената поддршка и ја нагласи важноста на партнерството со УНФПА и поддршката на Делегацијата на Европска Унија во Северна Македонија и постојаниот координатор на ОН во Северна Македонија, во промовирањето на еднаквост на лицата со интелектуална попреченост, додавајќи: „По успехот на турнирот во кошарка Специјална Олимпијада Западен Балкан чиј домаќин беше Специјална Олимпијада Албанија минатата година, ова пливачко натпреварување е уште еден заеднички чекор кон донесување квалитетни спортски можности и инклузија во овој регион.”

Натпреварите ќе се одржат за време на викендот, поточно на 6 април во утринските часови се закажани квалификациските трки, а на 7 април напладне се планирани финалните натпревари, церемонијата на доделување награди, по што настанот ќе биде затворен.

Проектот на Обединетите нации „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“ (2022-2024)  е посветен на поттикнување на конструктивни наративи, меѓукултурен дијалог и родова еднаквост меѓу младите во Западен Балкан. Преку различни активности, вклучително спорт, култура, граѓанско образование и проекти во заедницата, иницијативата има за цел да поттикне меѓусебно разбирање и доверба во регионот, додека се бори против негативната пропаганда, говорот на омраза и дигиталното насилство.

Повеќе од Актуелно

Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.