РСБСП: Иднината на одржливата мобилност е во твои раце – вози велосипед!
„Европска недела на мобилност” e активност, односно кампања која на иницијатива на Европската комисија, се спроведува секоја година, во периодот од 16 до 22 септември. Кампањата има за цел промоција на алтернативни форми на мобилност како што е пешачењето, велосипедизмот.
Согласно тоа, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата во наредните 7 дена ќе реализира низа активности за промоција и поддршка на алтернативните форми на мобилност со посебен акцент на поддршка на велосипедизмот.Возењето на велосипед, или велосипедизмот, како алтернативно превозно средство носи со себе многубројни бенефити,- персонални, економски, социјални, еколошки и многу други. Како резултат на сите овие бенефити, луѓето сѐ повеќе ги заменуваат своите автомобили со велосипеди како начин на мобилност и транзитирање до посакуваната дестинација. Истражувањата покажуваат дека во измината деценија бројот на луѓе кои патуваат до своето работно место со велосипед, континуирано се зголемува од ден на ден и позитивно е оваа појава да продолжи и во иднина.
Прво и пред сѐ треба да се потенцираат здравствените бенефити од возењето велосипед. Општо познато е дека луѓето коишто инкорпорираат физички активности во нивниот дневен живот, генерално живеат подолг и поздрав живот од останатите. Велосипедизмот како физичка активност помага во градењето на мускулот, слабеење, спуштање на високиот крвен притисок и зајакнување на срцето. Исто така, возењето велосипед, докажано помага при намалување на стресот, и подобрување на сонот.
Еколошките бенефити кои ги носи велосипедизмот се исто така доста значајни. Велосипедот како превозно средство не троши фосилно гориво, и со тоа нивото на издувни гасови во воздухот се намалува и квалитетот на воздухот расте. Што значи дека колку повеќе автомобили отстраниме од улица, и ги замениме со велосипеди, толку подобро за сите нас, за нашето здравје, и околината во којашто живееме.
Безбеден и протечен сообраќај: Истражувањата покажуваат дека најголемиот дел од дневните патувања кои ги правиме секојдневно се пократки од 5 километри, што ги прави идеални за изминување со велосипед. Користењето на велосипедот како превозно средство ви овозможува да ги избегнете метежите по улиците и да патувате безбедно и да пристигнете до вашата дестинација побрзо, и со помалку нервози. Патувањето со велосипед исто така го елиминира еден од најголемите проблеми на патувањето со автомобил, а тоа се паркинг местата.
Финансиски бенефити: Од финансиски аспект, изборот помеѓу автомобил и велосипед е очигледен. Додека автомобилот чини неколку илјадници евра, просечен велосипед чини неколку стотици. И не само тоа, туку велосипедот не ги сноси сите дополнителни трошоци кои ги повлекува автомобилот. Гориво, сервисирање, регистрација, паркинг, осигурување и многу многу други.
Затоа РСБСП со потсетување: „Возењето велосипед може да го спаси светот и да го направи Вашиот живот подобар! Одважи се, вози велосипед!