Актуелно
„The Economist MeetUp – The World Ahead 2025“: Конференција која ja обликува иднината
Вчера во хотелот Holiday Inn во Скопје се одржа второто издание на „The Economist MeetUp – The World Ahead 2025“, конференција што на едно место ги собра најистакнатите лидери, визионери и иноватори од регионот и пошироко.
Настанот го отвори министерот за локална самоуправа Златко Перински, кој најави целосна дигитализација на сите општини до 2026 година.
Првиот панел – „Дигитално банкарство и Fintech индустрија“ беше модериран од Киро Бурназовски, менаџер во Evrotrust, овој панел го истакна брзиот раст на мобилното и електронското банкарство. Панелистите: Проф. д-р Георги Димитров, основач и претседател на Управниот одбор на Evrotrust Technologies, Билјана Мишиќ, извршна директорка на Iute Macedonia, и Милена Спасовска, раководител за платежни картички и дигитални канали во Капитал Банка АД, дискутираа за адаптацијата на традиционалните банки, дигиталните паричници и моделот Buy Now, Pay Later (BNPL). Нагласено беше значењето на револуционерниот универзален дигитален паричник за севкупна идентификација на поединците која ќе биде достапна на ниво на ЕУ веќе од март 2025та и безбедноста на услуги како клуч за идниот успех.
Вториот панел –„Бизнис, закон и заедница: Како големите компании го обликуваат економскиот и општествениот раст“ беше модериран од Невена Георгиевски Ангеловска, менаџер за комуникации во Пивара Скопје, овој панел ги осветли стратегиите за придонес кон економскиот развој и потребата од правна регулатива што поттикнува бизнис сигурност. Говорници на овој панел беа: Душан Митрев, генерален директор на Пивара Скопје, кој ги презентираше резултатите од Студијата за социо-економското влијание на Пивара, Душко Чифлиганец, заменик-претседател на Адора Бизнис Групација, кој зборуваше за важноста на домашните инвестициите во клучните гранки -градежништво, енергетика и финансии, кои се двигатели на секоја економија, и д-р Ана Пепељугоска, партнер во Адвокатското друштво Пепељугоски, која го нагласи значењето на регулативата за иновации и развој.
Третиот панел „Иновации во финансискиот сектор: Од нови технологии до инвестициски трендови“ беше модериран од Наташа Велковска, директор за ПР и контент продукција во Represent Communications Macedonia, панелот анализираше како дигитализацијата, блокчејн технологијата и вештачката интелигенција влијаат врз финансиските услуги. Панелистите: Филомена Пљаковска Аспровска, главна извршна директорка на КаСис, Тони Јанковски, директор за развој и иновации во Diners Македонија, и Иван Ивановски, претприемач и инвестициски консултант, се согласија дека иновативните решенија во платежните услуги и е-трговијата се неопходни, но истакнаа дека едукацијата и зголемувањето на финансиската писменост остануваат приоритет.
Четвртиот панел: „Одговорност за иднината: Вложување во луѓето и локалните заедници“ беше модериран од Катерина Јордановска Манева, менаџер за маркетинг и односи со јавноста во Кроација Осигурување, панелот го нагласи значењето на човечкиот капитал и локалните заедници за одржлив раст. Говорници беа: Д-р Катерина Бошевска, извршна директорка на Еос Матрих, Кристина Крстева, директорка за одржлив развој на Бучим – Боров Дол, и Жана Базби, психолог и бизнис консултант од Лондон. Дискусијата покажа дека некои компании во Македонија веќе применуваат сериозни стратегии за инвестирање во заедницата и достигнување на глобалните ЕСГ стандарди, но се уште социјалниот аспект е занемарен, особено во делот на благосостојба и грижа за ментално здравје за вработените.
Во рамките на настанот, Борислав Миљановиќ, основач и сопственик на Represent Systems ги водеше ексклузивните интервјуа со Раде Ракочевиќ, основач на Сензал Капитал и Небојша Матиќ основач и сопственик на Микроелектроника. Ракочевиќ ги охрабри учесниците да инвестираат на берзата за долгорочна стабилност, а Матиќ ја сподели успешната приказна за воведувањето на 4-дневната работна недела.
„The Economist MeetUp – The World Ahead 2025“ во организација на Represent Communications Macedonia и Color Media Македонија не беше само конференција, туку арена на идеи кои инспирираат, отвораат нови хоризонти и создаваат конкретни можности.