Традиционално закројување на винова лоза во винарница „Стоби“ (ФОТО)
По повод празникот Свети Трифун, во винарницата „Стоби“ по 12-ти пат се одржаа традиционалното закројување и осветување на виновата лоза во текот на вчерашниот ден.
Оваа година, за разлика од претходните, поради мерките за заштита од ковид-19 и здравствено-безбедносните протоколи, на традиционалното закројување на лозјето изостануваше масовното присуство на граѓани, кои со исклучително квалитетно вино, богата трпеза и убава музика се традиција и белег на закројувањето во винарницата.
Овој пат одмерено и дискретно, но со висока доза на духовност и посветеност кон виното и филозофијата на „Стоби“, закројувањето се одржа во присуство на сопственикот со блиското семејство и раководниот тим на винарницата.
– И покрај снежните наноси кои паднаа во нашата земја и оваа година ја одржуваме традицијата на закројување и осветување на лозјата. Ова е 12 -та година по ред откако е оформена винарница „Стоби“. Се надеваме на бериќетна година благодарение на снежните наноси кои ќе обезбедат доволно влага во почвата – кажа Никола Деребанов, генерален директор на холдинг компаниајта „Перминдекс“, за винарница „Стоби“, млекара Галичник, Црвени Брегови и Вардар.
Иако оваа година традиционалната масовност на прославување изостана, сепак, винарница „Стоби“ со желба да ја одржи и оваа традиција, организираше онлајн програма за денот на виното и истата ја донесе до домовите на љубителите на виното. Вчера вечер сите имаа можност да уживаат во шоу со музика и комедија кое се емитуваше на Фејсбук страницата на „Стоби“, на кое задолжени за одличната виртуелна забава беа Дац и Александар, Тамара Тодевска и Атанас Атанасовски. Гледаноста беше голема, а имаше и награди за гледачите.
Винаријата „Стоби“ годишно произведува 4,5 милиони литри високо квалитетно вино, од кои само 24 отсто се пласираат на домашен пазар, а дури 76 проценти се наменети за извоз на 18 пазари од регионот и светот. Најголеми извозни пазари се Кина, Сад и Русија, но значителна продажба остваруваат и во европски држави Холандија, Данска, Белгија и земјите од регионот.