Актуелно
Винарија „Стоби“ традиционално ја закрои и освети виновата лоза по 14. пат
По повод празникот Свети Трифун, во винарија „Стоби“ по 14-ти пат се одржаа традиционалното закројување и осветување на виновата лоза.
И оваа година, со литургија, одмерено и дискретно, но со висока доза на духовност и посветеност кон виното и филозофијата на „Стоби“, закројувањето се одржа во присуство на раководниот тим на винарницата.
– Овој ден за нас е посебен, 14 – та година по ред го славиме овој за нас значаен празник, воедно и роденден на Винаријата. Се надеваме на бериќетна година, за да го прославиме заедно со сите љубители на вино овој ден Св. Трифун, истакна сопственикот на винарија Стоби, Минчо Јорданов.
Генералниот директор на холдинг компанијата „Перминдекс“, за винарницата „Стоби, млекарницата „Галичник“, „Црвени Брегови“, Никола Деребанов објаснува дека по ковид пандемијата и економската криза која владее во светот, но и во нашата земја и која создаде големи предизвици и проблеми во нормалното функционирање на бизнисите, сепак, тоа не влијаело на пласманот и извозот на вината произведени во винарија „Стоби“ која и понатаму работи успешно.
Воедно Деребанов посочи дека минатата година најголем предизвик било ребрендирањето на нивното портфолио и лансирањето на нова линија на вина наречена „Македон“.
– Новата линија на вина го носи името „Македон“ и дел од нив веќе можат да се дегустираат во некои од нашите поекслузивни ресторани, хотели или кафулиња. Засега „Македон“ вината ќе можат да се купуваат само во ХОРЕКА секторот, а истите веќе почнавме да ги пласираме и на сите извозни пазари каде веќе извезуваме од нашата широка палета на вина. Конкретно „Македон“ вината неколку години се произведуваат, но првично беа наменети за извоз само во САД појаснува Деребанов.
Иако оваа година традиционалната масовност на прославување изостана, сепак, винарија „Стоби“ со желба да ја одржи и оваа традиција, организираше разно промоции на виното низ земјата.
Винарија „Стоби“ годишно произведува 4,5 милиони литри високо квалитетно вино, од кои само 24 отсто се пласираат на домашен пазар, а дури 76 проценти се наменети за извоз на 18 пазари од регионот и светот. Најголеми извозни пазари се Кина, Сад и Русија, но значителна продажба остваруваат и во европски држави Холандија, Данска, Белгија и земјите од регионот.