Актуелно
Винскиот туризам се’ поатрактивен за посетителите – Која е тајната на македонските вина?
Во последните неколку години алтернативните видови на туризам се во подем и се’ почесто се нудат како еден поинаков начин на доживување на локалната посета. Винскиот туризам, или уште попознат како „енотуризам“ е меѓу најпопуларните трендови во светот на туризмот моментално, бидејќи претставува совршен спој на предизвикувачка активност и хедонизам. А нашата Македонија со својата местоположба, клима и гостопримливост, се наметнува како една од земјите со најголем потенцијал за да го развие енотуризмот како клучен сегмент од туристичката понуда.
Традицијата на производство на квалитетно вино е добро позната во овие краишта, a денес е обезбедено и целосно турустичко искуство – сместување во удобните локални престојувалишта, разгледување на природно богатата околина и дегустација на најквалитетното македонско вино.
Која е тајната за квалитетот на македонското вино? Ќе се согласиме дека не постои единствена формула, првенствено треба да се има врвна суровина, врвно грозје за производство, многу сончеви денови, потоа стручен експертски кадар и квалитетна технологија, што несомнено македонските винарии го имаат. Тие не само што произведуваат квалитетно вино, туку последниве години нудат и многу повеќе. Ајде да се запознаеме со дел од нив.
Со поддршка на Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК), „Тиквеш вински туризам“ заедно со партнерите во проектот „Барово„ и „Домен Лепово“ реализираше повеќе различни активности за создавање нова, несекојдневна, атрактивна туристичка понуда. Беа изградени сместувачките капацитети и сала за вински дегустации на локацијата Лепово, додека на лозовите насади во Барово е создаден уникатен камп од вински буриња и нови велосипедски патеки со различна должина и можност да се истражува овој прекрасен предел на планината Кожуф. Винскиот камп во Барово овозможува туристите да престојуваат во вински буриња адаптирани за престој и сместени среде лозови насади кои се простираат на 700 метри надморска височина. Дополнително, дел од проектот е и новиот Вински бутик во Кавадарци, кој претставува мултифункционален простор во кој посетителите можат да дегустираат вино во комбинација со храна, да се информираат за туристичката понуда во регионот, како и да ги погледнат изложените експонати и сувенирите што се изработени од локални уметници и занаетчии.
„Создадовме нови содржини за посетителите на регионот и заокружена туристичка понуда која опфаќа сместувачки капацитети, можности за дегустација на вино и уживање во виното во комбинација на храна, но и рекреативни активности, како велосипедски и пешачки тури. Веруваме дека на ваков начин ќе привлечеме многу домашни и странски туристи и ќе ги задржиме подолго во тиквешкиот регион, затоа што сега имаат повеќе можности за нови доживувања“, велат од „Тиквеш вински туризам“.
Во однос на Скопскиот вински регион, ПЛРК ја даде својата поддршка за реализирање на потпроектот за „зајакнување на развојот и конкурентноста преку подобрени услуги и иновативна туристичка понуда на Хантерс Лоџ Камник Хотел и Ресторан“.
Реализацијата на овој потпроект опфаќа повеќе содржини кои ја заокружуваат понудата на комплексот Камник. Така, релизирано е реновирање на сместувачките капацитети на Хантерс Лоџ Камник Хотел и Ресторан, во кои е вклучена и салата за состаноци и просторија за масажа. Во рамки на реновирањето, целосно се обновени 21 соба за гости со што е постигнат опростор кој е модерен, функционален и висококвалитетен, со обновени енергетскоефикасни систем за ладење и греење и прозорци, систем за брз проток на информации, мебел со врвен дизајн и удобност и современа опрема во собите. Целта напотпроектот е обезбедување пријатен и удобен амбиент за посетителите кои се сместуваат во хотелот, особено сметајќи на зголеменениот интерес на гости од гранката на винскиот туризам и бизнис, со оглед на тесната соработка помеѓу Хантерс Лоџ Камник Хотел и Ресторан и Винарија Камник. Винаријата Камник е лоцирана во непосредна близина на самиот хотел и ресторанот и претставува една од клучните винарии во регионот и во земјата од која често и започнуваат винските тури на домашните, и особено на странските посетители. Во рамки на потпроектот се обезбедени и две електрични возила за транспорт на гостите од хотелот до Винарија Камниккаде гостите може да присуствуваат на дегустација на вино и спарување на храна и вино, со што се постигнува воведување на интерактивна и динамична содржина во автентичниот амбиент пред сама винарија која е опкружена со лозови насади и софистициран модел на заштитна тенда обезбеден во рамките на потпроекот.
Од Хотел и Ресторан Хантерс Лоџ Камник, како носител на потпроектот, истакнуваат дека ,, Целиот потпроект со сите планирани активности започна во време кога винскиот туризам беше во подем и за нас како хотел и ресторан, но и за поврзаните активности со Винарија Камник, значеше можност за сериозно унапредување на понудата и пресретнување на очекувањата на модерниот турист и посетител кои повеќе од било кога се информирани и имаат високи стандарди во однос на нивните барања. Сега, во овој постпандемиски момент, зголемување на атрактивноста на нашиот бизнис, но и на Скопксиот регион, добива значење кое е поголемо од првично предивденото. Повеќе од било кога е важно да се пристапи кон винските и други туристи со привлечна и интригирачка понуда базирана на реални вредности кои ќе ги исполнат нивните очекувања. Нашето задоволство од релизацијата на овој подпроект е нависина големо и имаме високи очекувања за резултатите кои треба да ги произведе во иднина, вклучително и зголемување на бројот на посетители и туристи, но и на вработени”.
Проектот за локална и регионална конкурентност се финансира од страна на Европската Унија и Владата на Република С. Македонија. Проектот го администрира Светска Банка и се спроведува од страна на Кабинетот на Заменик Претседателот на Владата задолжен за економски прашања. Целта на овој проект е да го зголеми учеството на туризмот во локалниот економски развој преку подобрување на инфраструктурата, унапредување на капацитетите за сместување и угостителство, збогатување на туристичката понуда и зголемување на конкурентноста на туристичкиот сектор.