Втора меѓународна летна школа за право на бегалци и миграција
Центарот за право на бегалци и миграција при Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во партнерство со Претставништвото на УНХЦР во Северна Македонија и со Меѓународниот институт за хуманитарно право во Санремо, оваа година за вторпат организираа летна школа за права на бегалци и миграција. Летната школа за 2021 година беше посветена на темата: бегалци, миграција и „новото нормално“.
Летната школа претставува можност за студенти од сите три циклуси на студирање да се стекнат со знаење од областа на право на бегалци и миграција. Програмата, која опфати 12 предавања и дополнителни попладневни сесии организирани во 4 дена, е осмислена да им помогне на студентите да размислуваат критички за прашања врзани за правата на бегалците и миграцијата во интердисциплинарен и меѓународен контекст. Предавачите на оваа летна школа доаѓаат од целиот свет и универзитетски професори од областа на општественте науки, како и експерти и практичари од областа на правото за бегалци и миграцијата, но и пошироко.
Оваа година летната школа се спроведе преку онлајн платформа за комуникација. Во текот на отворениот повик за летната школа аплицираа над 202 студенти од 56 земји од светот. Од вкупниот број на апликанти можност да присуствуаат на летната школа добија 88 апликанти од 35 држави. Голема чест е што имаме студенти од целиот свет кои се заинтересирани и посветени на изучувањето на правата на бегалците и миграцијата.
По повод отворањето на летната школа проф. д-р Никола Јанкуловски, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во неговиот говор истакна:
„Правниот факултет „Јустинијан Први“ е еден од првите факултети на нашиот Универзитет и оваа година слави 70 години од своето постоење. Правниот факултет е многу успешен во спроведувањето на проекти поврзани со правото на бегалците и миграцијата во изминатите години. Оваа летна школа е само сегмент од широкиот опсег на активности што се организираат со нашите партнерски институции, а особено со претставништвото на УНХЦР во Северна Македонија. Во име на Универзитетот, би сакал да истакнам дека овие активности ја имаат нашата целосна поддршка и дека меѓународните настани како овој, се сметаат за многу значајни достигнувања што го промовираат не само Центарот, Правниот факултет и Универзитетот Св. Кирил и Методиј “ во Скопје, но и Северна Македонија.“
Деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје, проф. д-р Сашо Георгиевски, изјави:
„Целта на летната школа е двојна: Првата цел е да послужи како наставна алатка за ширење знаење кај младите, особено од целиот свет за прашањето за заштита на бегалците и миграцијата, но исто така и да биде алатка за подигање на свеста кај младите кое треба да го разгори нивното вмрежување и идната соработка посветени на таа заедничка мисија за заштита на бегалците. Ние би сакале оваа летна школа да стане традиционална бидејќи ова е втора школа по ред. Навистина сум среќен што можам да известам дека оваа година собравме голем број студенти од целиот свет, што е нешто што навистина мислиме дека е успех и горди сме на тоа особено во времето кога правниот факултет слави 70 години од своето постоење.“
Проф. д-р Ирена Рајчиновска Пандева, раководителка на Центарот за право на бегалци при Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје, рече:
„Образованието е вистинското место за отворање и унапредување на дискурсот на оваа тема, затоа што универзитетите можат и треба да играат значајна улога и да бидат водечки актери. Надвор од традиционалната улога на универзитетите да произведат и понудат знаење, тие можат и треба, исто така, да целат кон пошироко влијание преку подигање на свеста на своите студенти преку настава и други поврзани активности, бидејќи тие еден ден ќе бидат носители на одлуки, имплементатори на политики и лидери во општеството. Дополнително, размислувањето, расправата и подготовката за иднината се уште позначајни сега кога сите, но некои повеќе од другите, се соочуваат со здравствена криза или се наоѓаат во услови на неколкукратни кризи одеднаш. Ова беше мотивација за темата во 2021 година.“
Претставничката на УНХЦР во Република Северна Македонија, г-ѓа Моника Сандри, во својот воведен говор изјави:
„Предизвиците со кои се соочуваме во моментов и оние што претстојат во иднината се без преседан и бараат зајакнување на нашата посветеност и чувство на одговорност, продлабочување на нашето знаење, зајакнување на нашите вредности, зајакнување на соработката и храброст за преземање силно лидерство, за светот да стане подобро место за сите.“
Претставникот на Меѓународниот институт за хуманитарно право од Санремо, г. Клаудио Делфабро, кој е директор на одделот за Меѓународно право на бегалци при Институтот, изјави:
„Ако постои една главна поента којашто би сакал да ја запаметите, тоа е дека: Правата на бегалците се човекови права. Точка!“