Актуелно
За 15.3% зголемен број на случаи на грип и слични респираторни заболувања во Македонија
Според податоците на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), во периодот од 8 до 14 јануари, пријавени се 1.182 случаи на заболени од грип или слични респираторни заболувања во Република Северна Македонија. Ова претставува зголемување од 15,3 проценти во споредба со претходната недела.
Во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ, детектирани се 26 позитивни случаи на грип, од кои 22 се А(H1)pdm09, еден е Influenza A(H3), и 3 се Influenza A – несубтипизирани. Покрај грипот, регистрирани се и случаи на респираторен синцицијален вирус (RSV) и SARS-CoV-2.
Во однос на возраста, најголем број на заболени е во возрасната група од 15 до 64 години, а највисока инциденца се забележува кај децата до четири години. Најголем број на пријавени случаи е во Скопје, Битола, Дебар, Тетово и Гостивар.
Во текот на оваа недела, е регистриран еден смртен случај асоциран со грип, при што починатото лице е на возраст од 65 години и било хоспитализирано на Клиниката за инфективни болести во Скопје. Лабораториската анализа потврдила присуство на грип – Influenza A(H1)pdm09, а починатото лице не било вакцинирано против сезонскиот грип.
Во текот на моменталната сезона (2023/2024), вкупниот број на заболени од грип или слични заболувања изнесува 3.500, што е зголемување од 13 проценти во споредба со истиот период од минатата сезона. Според моделот од последните 13 сезони, забележано е зголемување од 35,8 проценти.